Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со Роберт де Хроут, Генерален директор за европска соработка и заменик-министер во Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.
На средбата се зборуваше за актуелната политичка состојба во земјава и продлабочувањето на кризата по одлуката за аболиција од страна на Ѓорге Иванов, како и едностраните одлуки на владејачката коалиција.
Претседателот Заев рече дека СДСМ останува на принципиелните ставови и посветена е на процесите за враќање на слободата, демократијата и правдата во Република Македонија.
„Во Македонија мора да се вратат правдата, слободата, демократијата, владеењето на правото и европските вредности. Секој што го прекршил законот мора да одговара, тоа е демократско начело. Тоа е можно единствено преку целосно поништување на одлуката на Иванов за аболиција и организирање на слободни, фер, демократски и кредибилни избори, со целосно исполнување на условите. Аболицијата мора да се укине за сите, а не само за поединци“ рече претседателот Заев.
Само со целосно прочистување на избирачкиот список, реформи во медиумите и одвојување на државата од партијата може да има регуларни избори во земјава, додаде Заев.
„Едостраните одлуки ја усложнуваат длабоката политичка криза. Но немаме дилеми. Се потврди и досега дека сите еднострани одлуки ВРМО-ДПМНЕ и ДУИ сами си ги погазуваат. Така ќе биде овој пат. Ние нема да дозволиме никој да ја држи во заложништво иднината на Македонија “ додаде претседателот Заев.
Хроут и Заев се согласија дека Македонија што поскоро треба да го продолжи патот кон ЕУ и НАТО, а тоа е возможно исклучиво преку слободни, фер и деморкатски избори.
Скопје, 19.05.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА