Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Р.Турција во Р.Македонија, Омур Солендил.
Претседателот Заев го запозна амбасадорот Солендил за текот на разговорите со дипломатите кои пријателски помагаат за разврска на длабоката политичка криза во којашто се наоѓа веќе подолг период земјава.
-Има законски и уставни можности за свикување на Собранието како и за поништување на незаконската одлука за аболиција донесена од Ѓорге Иванов, рече претседателот Заев, додавајки дека ако постои политичка волја, може многу брзо да има решение.
Тој појасни дека е потребно утврдување на динамиката на исполнување на сите клучни услови за фер и регуларни избори, прецизирање на одржувањето на изборите коишто поради неисполнетите услови нема да се одржат на 5 јуни, утврдување на начинот на организирање на изборите со претходно исполнување на сите клучни услови тие да бидат фер и регуларни, како и поништување на одлуката за аболиција донесена од Ѓорге Иванов, спротивно на законот.
Амбасадорот Солендил соопшти дека Турција одблиску ги следи политичките збиднувања во пријателска Република Македонија и изрази надеж дека ќе се почитува изборот на народот во Македонија на избори што ќе се одржат соодветно на демократските правила и принципи на правдата.
-Важно е, по пат на дијалог, во рамки на демократските правила и владеењето на правото, со фер и транспарентни избори да се изнајде решение на политичката тензија, рече амбасадорот Солендил.
Двајцата соговорници се согласија дека излезот на кризата треба да биде по мирен пат бидејки стабилноста и безбедноста на Македонија се важни како за граѓаните и државава така и за регионот. Во таа насока претседателот Заев ги потенцираше заложбите на СДСМ за достоиствени и ненасилни протести преку коишто граѓаните бараат враќање на правната држава и на демократјата во земјава.
На средбата се разговараше и за бегалската криза, за придонесот на Турција во справувањето на Европа со овој проблем и за напорите на Македонија на ова поле.
Скопје, 13.05.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА