Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 13.05.2016
Kога во една иста реченица се спомнуваат владејачката ВМРО-ДПМНЕ и терминот имунитет, асоцијацијата веднаш алудира на аболицијата со која привидно се „имунизира“ буквално сиот криминален контингент во власта, кој истовремено се наоѓа и во партискиот врв на владејачката партија. Но не, овој наслов и овој текст воопшто не се однесуваат на аболицијата затоа што истата е беспредметна и депласирана и како таква за скоро ќе биде повлечена.
Содржина која следува не се однесува на минатото, туку на иднината на една партија која после долгогодишната резигнација кон сопствената „болест“ т.е. криминал, корупција и дејствија кои сведочат за злосторство врз македонските граѓани, за скоро време ќе биде исправена пред можеби најголемиот предизвик – длабоко во себе да го пронајде и разбуди својот имунолошки систем и конечно да го започне процесот на свое организациско заздравување.
Пред овој предизвик, несомнено, ќе биде исправена ВМРО- ДПМНЕ, а дали и колку ќе успее – зависи само од силата на поединците во истата, кои се досега неконтаминирани од влијанието на криминалната врхушка и ги претставуваат основните имунолошки антитела.
Имунитет во општоприфатена смисла претставува способност на организмот да дава отпор на болести преку идентификација и уништување на туѓи супстанци или организми. Секој организам, па и човечкиот има способност и е кодиран сам да се бори и да ги отстранува внатрешните болести или страните тела.
Извесна организација содржана од повеќе луѓе и ставена во контекст на еден организам кој беспрекорно функционира и извршува одредена мисија, во поглед на интероганизациските „болести“ и страни тела, реагира на ист начин како и човечкиот организам – ревносно борејќи се против истите.
Дали ќе успее да се избори зависи од два фактора: силата на „туѓите тела и болести“ и внатрешната моќ на организацијата (организмот), т.е. соодносот помеѓу нив.
ВМРО-ДПМНЕ е една од двете најголеми политички партии во Република Македонија и несомнено како таква, значи во ова општество и претставува еден од општествено-политичките фактори кои ја обликуваат реалноста во нашата држава.
Имајќи предвид дека нашата заедничка и поединечна судбина 10 години била во рацете на оваа партија, се воспоставува дека од исклучително значење за доброто на нашата сегашност и иднина било внатрешното „здравје“ на овој организиран систем, на овој организам, т.е. од голема важност била доминацијата на чесните и искрените, над криминалците и манипулаторите.
Ако се прашувате дали во оваа партија, со оглед на (зло)делата направени во изминатиот период, има чесни и искрени луѓе – одговорот е да. Има, и тоа многу, како и во секоја партија, како во секоја организација, но ако прашувате дали токму тие доминираа над криминалците и манипулаторите во истата, дали ги поразија негативците (дома), одговорот, за жал, е повеќе од јасен – нималку, ич, воопшто не!
Напротив, тие им беа алиби за сиот криминал и корупција, без да сакаат и без да знаат, барем на почетокот – подоцна беше премногу доцна. Доцна затоа што властодршците веќе беа зазеле замав кој косеше се пред себе. Беа добиле залет во билдање на својата коруптивна финансиска моќ и криминална организираност до мафијашки размери со логистика еднаква на режим кој личи на автократските држави, за чие поразување ВМРО-ДПМНЕ ја немаше потребната внатрешна моќ.
Имунолошкиот систем на партијата се покори на „болеста“. Чесните и добронамерните замолчеа и се повлекоа, а подложните на корупција се прилагодија и корумпираа што на извесен начин ги направи гард-заштита на злосторничкото здружување на фамилијата во партијата.
Па така наместо вистинските вмровци (популарно кажано), офајдени беа сите останати кои наместо „пиштолот и камата“ требаше само да ја бакнат раката која „под рака“ дава нечесно заработени пари и други незаслужени бенефити, на сметка на граѓаните.
Беше јасно, на ВМРО-ДПМНЕ (читај чесните и искрените, вистинските добронамерници и одговорни граѓани во таа партија) му беше потребна надворешна сила – „ветер во грб“, припомош со која ќе се избори во самата себе. Му беше потребна енергија со која ќе се наметнат вистинските луѓе, истиснувајќи ги неморалните и корумпираните.
Доста долго им беше неопходен надворешен импут, кој конечно им е овозможен – вистината. Да, како главно „оружје“ на тацна им е дадена вистината пред која и боговите молчат, а лица како Груевски и Мијалков, Јанакиески и Јанкуловска треперат, макар и аболирани.
„Вистината за Македонија“ истовремено како што претставува моќ на слободоумното и демократско ткиво на нашето општество, здраво и неконтаминирано, претставува и сила за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, спас на една од двете најголеми партии во Република Македонија, неопходна за државата.
Сега нема изговори ниту оправдувања. Сега нема, не! Паралелно со деполитизацијата на институциите на системот, опоравувањето на судството, ослободувањето на медиумите, треба и мора да се случува и дегруевизација на ВМРО-ДПМНЕ.
Сега вистинските вмровци (чесните и доследните на државата) треба да си ја земат својата судбина и судбината на нивната партија во свои раце и сами за себе да одлучуваат.
Да го пронајдат вистинскиот лидер помеѓу нив, оној кој има реални квалитети и ги поседува основните лидерски квалитети, односно карактер, храброст, мудрост и визија, а да го заменат оној кој лажно ги глумел истите.
Kако секогаш и секаде, во секоја партија, организација, општество, така и во ВМРО-ДПМНЕ доаѓа времето на промени и обнова, доаѓа времето на преродба!
За доброто на државата и граѓаните, оваа партија мора да смогне сила и моќ за да се возобнови и како таква да му служи на сопствениот народ. Нејзината моќ се нејзините искрени, чесни и лојални членови кои знаат дека промените се неизбежни, постојани и константни, нешто што криминалците во врвот на власта и партијата на власт ќе го помнат до крај!
Сите ние што заедно со граѓаните ќе продолжиме да работиме на обновата на нашата држава од страна гледајќи можеме да им посакаме многу среќа и храброст кон промените!