Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска порача дека граѓаните на Македонија се понижени како никогаш досега и дека власта на ВМРО-ДПМНЕ ја продава државата за пари, кредити и договори за мигранти, склучени зад грбот на јавноста.
-Според релевантни британски медиуми, во Македонија треба да дојдат луѓе кои не ги исполнуваат условите да останат во Велика Британија. И сега логичното прашање е: ако тие не се добри за Британија, зошто се добри за нас? Зошто Македонија треба да стане слепо црево и црна точка на Балканот?, истакна Филипче.
Тој предупреди дека влста ја оддалечува државата од европскиот пат и ја туркаат во изолација, заедно со земји кои веќе стануваат депонии за проблеми што Европа сака да ги тргне од себе.
-Додека целиот регион оди напред кон Европската Унија, оваа власт нема реформи, има блокади и тајни договори. Луѓето кои би биле испратени кај нас, според информациите, немаат право повторно да влезат во ЕУ. Тоа значи дека оваа влада нема намера да нè води кон Европа, туку да нè претвори во црна точка – земја во која ќе останат мигранти што Европа не ги сака, нагласи Филипче.
Претседателот Филипче посочи дека со ваквото тајно договарање, ВМРО-ДПМНЕ директно го нарушува и угледот на Велика Британија како стратешки партнер на Македонија.
Тој потенцираше дека СДСМ не ја наметнала темата за мигрантите, туку таа била отворена од релевантни британски, европски и светски медиуми, кои информирале за договор за носење мигранти во Македонија за финансиски надомест.
„Прво ја прашавме Владата. Тие молчеа. Потоа наместо одговори, следеа напади врз мене и врз СДСМ. До денес нема ниту еден јасен одговор“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека доколку Владата тврди дека нема договор, постојат два едноставни чекори со кои тоа може да го докаже:
Да ги демантира релевантните британски медиуми, вклучително и „Тајмс“, на кои досега не им одговорила. И да ја потпише предлог-Резолуцијата на СДСМ, со која јасно се забранува носење мигранти или таканаречени „економски работници“ од Велика Британија поврзани со финансиски договори.
Без тоа, јасно е дека договор има, потенцираше Филипче.


