Филипче: На Мицкоски никој не му верува, нека демантира со потпишување на Резолуцијата за мигранти

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Премиерот Христијан Мицкоски и актуелната влада немаат кредибилитет кога тврдат дека не постои договор за носење мигранти во Македонија, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во Дневникот на Сител телевизија, нагласувајќи дека единствениот начин да се отстранат сомнежите во јавноста е со конкретен и јасен чекор, потпис на Резолуцијата.

Филипче истакна дека на изјавите на премиерот не може да им се верува, имајќи ја предвид неговата досегашна политичка пракса и повеќекратните спротивставени ставови по клучни државни прашања.

„Не е доволно, ниту пак имаат кредибилитет нашите членови на Владата, ниту премиерот којшто во неколку наврати знаеме дека кажува изјави коишто после тоа не важат. Да потсетам во периодот наназад не важеше Преспанскиот договор, ќе го враќаше уставното име, ќе си дадеше оставка ако се докажеше поврзаност на Агенција за обезбедување со дискотеката во Кочани. Сето тоа се потврди, ова не се направи и секако може да му човек за едно вакво сериозно безбедносно прашање? Вака не биле понижени граѓаните никогаш. “, рече Филипче.

Тој ги повика премиерот и пратениците од владејачкото мнозинство да ја поддржат и потпишат предложената Резолуција во Собранието, со која експлицитно се забранува носење мигранти или т.н. економски работници од Велика Британија или од други држави, поврзано со финансиски аранжмани.

„Зошто не ја потпишат нашата предлог Резолуција во којашто експлицитно стои дека нема да дозволиме да се носат мигранти или економски работници од Велика Британија“, порача Филипче.

Според него, декларативните изјави и политичките спинови не се доволни за вакво сериозно безбедносно прашање и само формален, јавно усвоен документ може да биде гаранција за граѓаните и за државната безбедност.