Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче порача дека на државата ѝ е неопходна јасна визија и програма што ќе понуди излез од состојбата во која се наоѓа.
„Критиката не е доволна. Лутината е гориво, но потребна ни е визија. Ние, нудиме нешто друго, ново, поинаку. Мора да понудиме засолниште од ова лудило.“, рече Филипче на 31. Конгрес на СДСМ.
Тој нагласи дека платформата и програмата на СДСМ се темелат на директен договор со граѓаните и на економски модел што го става човекот во центарот на политиките.
„Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии, порача претседателот на СДСМ.
Тој потенцираше дека СДСМ нуди системски решенија за работниците, младите и пензионерите, засновани на социјална правда и европски вредности.
„СДСМ се залага не само за едноставна минимална плата, туку за достоинствена плата за живот. Систем каде што профитот не е забранет, но алчноста е оданочена. Враќањето на парите кај граѓаните, не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата. За младите, држава која е дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни умови. За пензионерите, престанок на милостината пред избори. Гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата, за да не мораат да бираат меѓу лекови и храна. За работниците, ќе бидеме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.



