Филипче: СДСМ не е пазар за пазарење функции, СДСМ е армија на вредности!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Денес ставаме точка на разединувањето, СДСМ не е пазар за пазарење функции, СДСМ е армија на вредности, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешниот 31-ви Конгрес на СДСМ. Филипче посочи дека СДСМ ќе се посвети на чиста, силна и искрена борба за враќање на власта кај народот, враќање на вредностите за достоинсвен и подобар живот за граѓаните.

„СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува од внатре, кој планира да биде „Тројански коњ“ на ВМРО или на некои други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата, или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сè! Бирам борба, искрена, силна и чесна!“, порача Филипче.

Во обраќањето, Филипче ги повика членовите на партијата да излезат на терен меѓу граѓаните, да разговараат со нив за реалната состојба во државата.

„Другарки и другари, нема седење. Нема пишување статуси на Фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен! Одиме во секој град, во секое село, во секое маало. Ќе чукнеме на секоја една врата. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија.Ќе им кажеме на луѓето за долгот од 2 милијарди евра. Ќе им кажеме за долгот од 6 милијарди евра кој ќе го враќаат многу следни генерации. Ќе кажеме и за изолацијата од Европа и од Америка, поради корупцијата и пљачката. За предавството од националните интереси и безбедност со мигрантите“, рече Филипче, додавајќи дека граѓаните треба да знаат дека не се сами, дека СДСМ е тука да се бори за нив.