Соопштение за јавност
Социјалдемократијата била и ќе биде вистинската алтернатива на радикалната десница,последниот бедем на слободата, порача денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на Конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска, во Загреб. Филипче во обраќањето на Конгресот, предупреди на опасноста од подемот на радикалната десница и неофашизмот во Европа.
„Нема да претераме доколку констатираме дека живееме во време на повампирен неофашизам. Антифашизмот е нашиот темел и ние секогаш, а особено во ваквите кризни времиња треба да бидеме бедемот на слободата“, рече Филипче.
Во обраќањето, тој посочи дека неофашизмот денес повторно ја покажува својата вистинска природа.
„Ова е време кога паѓаат маските зад кои со години се криеја дел од десничарските политички структури. Опседнатоста со наводната борба со левицата всушност е напад кон демократијата, кон хуманизмот и солидарноста и кон економската и социјалната правда. Денеска како и во минатото нивниот главен непријател се социјалдемократските и прогресивните политички сили, а тоа потврдува дека единствено социјалдемократијата била и ќе биде вистинската алтернатива на радикалната десница“, нагласи Филипче.
На Конгресот, Филипче се осврна и на состојбите во Северна Македонија, предупредувајќи на засилени авторитарни тенденции. Филипче посочи дека лажниот патриотизам на власта во Македонија служи како параван за заштита на криминалните и клиентелистички мрежи.
„Лажниот патриотизам на нашиот премиер и влада е само параван зад кој се крие заштитата на криминалните и клиентелистички мрежи, проследено со интензивен притисок врз правосудниот систем“, рече Филипче, додавајќи дека Северна Македонија е закочена на патот кон Европската Унија поради политиките на актуелната власт.





