Соопштение за јавност
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, присуствуваше и се обрати на Конгресот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), кој се одржа во Загреб, посветен на подготовката на новата партиска програма на СДП и стратегија во пресрет на следните парламентарни избори.
„Ми претставува голема чест и задоволство, во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во свое лично име, да ве поздравам и да се обратам на тематската конференција на вашата Социјалдемократска партија, посветена на подготовката на новата партиска програма и стратегија во пресрет на следните парламентарни избори и да ви посакам успех“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека денешната конференција е јасен показател за одговорниот и сериозен пристап на СДП во креирањето јавни политики, со што партијата демонстрира целосна подготвеност да управува со државата штом ја добие довербата на хрватските граѓани.
„СДП е единствената кредибилна левичарска партија во Хрватска која нуди политики за сите сегменти значајни за функционирањето и развојот на хрватското општество. Тие политики имаат јасна вредносна основа, а нивната цел е социјален и економски развој за сите граѓани, а не само за економско-финансиските и политичките олигархии“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче посебно го истакна храбриот пристап на СДП во креирањето нова национална економска политика, со фокус на новата индустриска политика и значајните промени во даночната политика.
„Особено сум импресиониран од храбриот пристап во развојот на нова национална економска политика со акцент на новата индустриска политика, а проследена со значајни промени во даночната политика. Таквиот пристап е нашиот социјалдемократски одговор за одржлив и праведен социо-економски развој наспроти политиката на неконтролирано задолжување за одржување на привидниот социјален мир и одржувањето на клиентелистичките мрежи. Таквите политики проследени со националистичките испади и желбата за целосна контрола на политичкиот систем што создава само привид на демократија е карактеристика на нашите десничарско и популистички противници не само во регионот туку и насекаде во Европа“, истакна Филипче.
Филипче исто така нагласи дека СДП развива оригинална и автентична социјалдемократска алтернатива, која, како што рече, ќе биде препознаена и поддржана од граѓаните на Хрватска.
„За нас во СДСМ, победата на СДП на следните избори нема да биде само поттик, туку и пример кој ќе го следиме во нашата политичка борба за враќање на Северна Македонија на патот на демократијата, социјалната правда и одржливиот социјален и економски развој“, порача Филипче од Загреб.





