СДСМ го осудува навредливото однесување на Вучиќ кон Шекеринска

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

СДСМ го осудува навредливото однесување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на Минхенската безбедносна конференција 2026 година.

Познат по тоа што ги навредува сите оние кои не ги делат неговите ставови или му пречат, овој пат негова цел беше Радмила Шекеринска, заменик-генерален секретар на НАТО.

Вучиќ малициозно нагласи дека „оваа жена и луѓето кои доведоа до сецесија“ (нагласувајќи го нејзиниот пол на понижувачки начин, како тоа да е релевантно за аргументот), ја обвини Шекеринска дека има врска со сецесијата на 13-14% од територијата на Србија (мислејќи на Косово).

Ова е класичен пример за стилот на Вучиќ – навреди наместо аргументи, што открива длабоко вкоренет шовинизам и понижување на жените.

Таквиот однос кон жените не е само личен манир на Вучиќ, туку претставува системски проблем во политичките кругови каде жените на високи позиции често се таргетираат врз основа на нивниот пол, со што се девалвираат нивните професионални достигнувања и придонеси.

Ова понижување на жените е облик на мизогинија што ја поткопува родовата рамноправност и придонесува за токсична политичка клима во регионот.

СДСМ недвосмислено ја поддржува Радмила Шекеринска, која нема никаква врска со обвинувањата за сецесионизам и која секогаш се залагала за дијалог и стабилност на Западен Балкан.

Нејзината улога во НАТО е доказ за силата и компетентноста на жените во меѓународната политика, а ваквите напади ги гледаме како обид за минимизирање на таквите успеси.

СДСМ е длабоко посветен на рамноправноста на жените и активно работи на промоција на родовата еднаквост во сите сфери на општеството.

Како партија со долга традиција во борбата за женските права, СДСМ иницираше бројни програми и закони кои ги поддржуваат жените во политиката, економијата и општеството.

За разлика од авторитарните режими, како оние на Вучиќ и на ВМРО, кои користат шовинизам за да ја одржат моќта, СДСМ верува дека рамноправноста е основа за напредно општество.

Единствено останува прашањето дали ова е само личен однос кон Шекеринска или зад тоа стои и нешто друго.

Да потсетиме дека пред неколку недели, Генералниот секретар на НАТО побара од претседателот на Србија одговорност за Милан Радоичиќ поради нападот во Бањска на Косово, кој важи за човек со длабоки врски со криминалот, но и поврзаност со бизнисите околу Вучиќ и СНС, сестринската партија на ВМРО.