Ковачевски: Цените на храната растат, зошто не се применува Законот за нефер трговски практики?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерот за економија Бесар Дурмиши кои се однесуваа на примената на Законот за забрана на нефер трговски практики. Тој посочи дека и покрај донесениот закон, цените на храната бележат двоцифрен раст, а на терен се забележуваат сериозни отстапувања и драстични разлики во цените на идентични производи. Ковачевски побара конкретни мерки со утврден рок за доследна примена на законот, како и одговор дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е кадровски и технички екипирана за да се справи со нефер трговските практики на големите супермаркети. Според него, без ефективна контрола, законот останува само формална алатка, додека товарот од зголемените цени го плаќаат граѓаните.

Во продолжение, интегрален текст од прашањето:

Почитувани колеги, почитуван претседател на Владата, почитувани членови на Владата, прашањето е до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а се однесува на примената и ефектите од Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, закон кој беше донесен во 2024 година со цел да спречи злоупотреба на пазарната моќ во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, да обезбеди фер услови за добавувачите и да спречи злоупотреба на пазарната моќ во синџирот на снабдување со овие производи.
Овој закон во неколку наврати беше оценет како потребен и целисходен од страна на сите присутни во Собранието и за него во неколку наврати и од различни аспекти се дискутираше афирмативно од страна на сите пратенички групи во оваа собраниска сала.
За да биде појасно за јавноста, согласно овој закон кој е усогласен со европските директиви и кој во иста или слична форма се применува во голем број развиени западноевропски држави, нефер трговски практики се договорни одредби и деловни практики кои еднострано се наметнуваат од купувачот кон добавувачот во врска со продажбата на земјоделските и прехранбените производи, спротивно на принципот на добра волја и чесност.

Да биде уште појасно, законот се однесува на практиките на големите трговски ланци, односно супермаркети, во кои граѓаните секојдневно ги купуваат своите неопходни животни намирници, прехранбени производи, производи за широка потрошувачка.
Согласно одредбите наведени во законот, меѓу другите одредби како нефер трговски практики се наведени случаите кога трговскиот малопродажен ланец, колоквијално или народски кажано супермаркет или ланец на супермаркети, бара надомест за внесување нов земјоделски и прехранбен производ во продажната мрежа и за проширување на продажната мрежа на купувачот, бара надомест за уредување нови и преуредување на постојните продажни места на купувачот, како и и проширување на капацитетот за складирање кај купувачот, бара од добавувачот да се договорат фиктивни услуги кои нема да се извршат, а за кои единствена причина е одложување на рокот за плаќање кој веќе е договорен.

Бара надомест од добавувачот за склучување на самиот договор, бара од добавувачите да не продаваат земјоделски и прехранбени производи на други купувачи по пониски цени, бара надомест од добавувачот поради намалена продажба кај купувачот, бара надомест од добавувачот за маркетинг-истражување на пазарот, ги враќа на добавувачот непродадените земјоделски и прехранбени производи кои се испорачани без да плати, бара надомест од добавувачот за прикажување или ставање на производите на полиците на продажното место на купувачот, бара од добавувачот во целост или делумно да ги сноси трошоците за попусти на производите кои се продаваат како дел од промоција, бара добавувачот да плати за рекламирање на производите кои тој ги рекламира, бара добавувачот да плати за маркетинг на производите кои тој ги спроведува и бара надомест од добавувачот за маркетинг-трошоци за персоналот.

Сите овие практики значат зголемување на трошоците на добавувачите, зголемување на малопродажната цена на прехранбените производи, зголемување на апсолутниот износ на малопродажната маржа. На ваков начин зголемената цена на прехранбените производи и на крајот сево ова го плаќаат крајните купувачи, односно граѓаните на Македонија.
Дополнителен негативен ефект е што со тоа се демотивираат домашните производители на храна и сè повеќе на рафтовите гледаме увезени производи, што се гледа од зголемениот увоз на храна од година во година. На таков начин граѓаните плаќаат двојно , повисоки цени на прехранбени производи од увоз и субвенции преку Буџетот во износ од четврт милијарда евра на производителите на земјоделски и прехранбени производи.
Надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон врши Комисијата за заштита на конкуренцијата, која треба да ја контролира примената на одредбите од овој закон и истовремено да изрекува прекршочни казни.

Како Комисијата ја извршува оваа функција? Преку проверка на договорите за снабдување помеѓу добавувачот и купувачот, кои мора да бидат склучени во писмена форма со одредби и услови кои се неопходни за регулирање на деловниот однос помеѓу договорувачот и купувачот.
Но постои уште една посложена активност која стои на располагање на Комисијата, а во услови кога договорите се согласно закон во најголем број случаи, но сепак на терен се забележуваат нефер трговски практики.

Доколку постои основано сомнение дека е определен прекршок за нефер практики, Комисијата може да му наложи на тоа претпријатие да им овозможи непречено да влезат во неговите деловни простории, да им овозможи непречено да ги испитуваат книгите или друга документација која има значење за утврдување на постоење прекршок или да овозможи непречено да земаат или задржат во која било форма копии или извадоци од тие книги или документација.
За ова, за разлика од проверката на договорите, Комисијата треба да располага со соодветни човечки и технички капацитети.
Сепак, две години по стапувањето на законот во сила, вклучително и периодот на прилагодување, на терен се забележуваат сериозни отстапувања. Според Државниот завод за статистика, во 2024–2025 година цените на храната бележат двоцифрен пораст, при што индексот на трошоци на живот во делот храна и безалкохолни пијалаци во одредени месеци надминуваше 10% на годишно ниво. Ова се гледа од зголемената висина на потрошувачката кошница, која надмина 1.000 евра месечно по семејство.
Истовремено, домашните производители укажуваат на притисоци врз откупните цени и дополнителни трошоци. Особено загрижува фактот што идентичен производ од ист производител со иста грамажа и декларација во различни трговски ланци се продава со ценовна разлика што достигнува и до 50%.

Бевме сведоци дека имаше дополнителна акција од страна на државните институции за објавување на цените на супермаркетите, која заврши без успех, со оглед на тоа дека на веб-страниците осамнаа ПДФ-фајлови во кои буквално ниеден граѓанин не можеше да се снајде или да направи каква било проверка и споредба.
Исто така, јавноста сè уште нема податоци за бројот на спроведени инспекциски контроли, поведени постапки и изречени санкции, освен едно санкционирано здружување, што дополнително ја доведе во прашање ефикасноста на примената на законот.

Ваквите резултати отвораат оправдано прашање за недоволната контрола на трговските маржини, нефер практики и отсуство на ефективен надзор согласно законот.
Моите прашања се многу конкретни и не се однесуваат на тоа дали ќе се менува законот во делот на зголемување на казните, како што министерот најави пред неколку дена, бидејќи за да се пропише казна, колку и да е таа висока, прво треба да има ефективна контрола.

Прашањето не се однесува на општата или на базичната инфлација на цените, туку конкретно на законот кој ги регулира прехранбените и земјоделските производи, нивната трговија и соодветно цените кои во најголем дел го сочинуваат буџетот на граѓаните.

Оттука прашувам кои конкретни мерки со утврден рок ќе ги преземе Владата за да обезбеди доследна примена на Законот за нефер трговски практики и да спречи неоправдани и драстични ценовни разлики на идентични производи на пазарот и зголемување на цените на малопродажбата која на крај ја плаќаат граѓаните?
Дали Комисијата за заштита на конкуренцијата е кадровски и технички екипирана за ефикасно извршување на оваа своја законска функција?
Дали има вработени кои поседуваат искуство и знаење за спроведување на законот, односно дали во Комисијата за заштита на конкуренцијата се ангажирани соодветни кадри организирани согласно принципите на стручност, ефикасност и ефективност во работењето, кои ќе можат да се носат со идентификување на трговски практики кои ги прават големите ланци на супермаркети, а кои за тоа вработуваат обучен кадар чија основна работа е зголемување на продажбата и зголемување на профитот во интерес на нивниот работодавец?