Битиќи: Најавеното намалување на ДДВ на горивата на 10% е неадекватна и задоцнета мерка

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Тоа што слушаме од власта или од извори од власта дека утре ќе расправа само за една мерка, е целосно неадекватно, намалување на ДДВ – то на горивата од 18 на 10% не е доволно, граѓаните и стопанството нема да почувствуваат ефекти, нагласи пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, во вечерашната „Тема на ден“, на телевизија Сител.

Битиќи посочи дека оваа мерка не само што не е доволна туку е и задоцнета. Тој појасни дека секогаш кога се носат мерки, важно е тие мерки да ги почувствуваат граѓаните, да влијаат врз ублажување на ценовните шокови, да имаат реален ефект, а не да се носат мерки колку да се каже дека се донеле.

„Дали носењето на мерки е само за да се донесат мерки или навистина да се направи исчекор за граѓаните помалку да ги почувствуваат негативните импликации од оваа криза. Да донесете мерки три недели откако е почнат конфликтот, кои што најверојатно би се примениле за пет до шест дена или недела дена од денеска или утре, затоа што за одредени мерки требаат законски решенија, е навистина задоцнето“, рече Битиќи.

Тој додаде дека допрва кризата во Македонија ќе се чувствува повеќе, бидејќи во овој период на домашниот пазар се уште се користат нафтени деривати кои се набавени пред конфликтот.

Битиќи нагласи дека во овој момент најреален ефект кој што ќе го почувствуваат и граѓаните и стопанството, се предлог законските решенија на СДСМ – намалување на ДДВ на горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари, нула проценти ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на патарините.

„Во овој момент е нужно да се заштити животниот стандард на граѓаните. Ние веќе ги имаме поднесено предлог законските решенија во Собранието. Не можете да чекате да се случи апокалипса за да реагирате, а секое одолговлекување води кон тоа. На крај, највисоката цена ја плаќаат граѓаните“, рече Битиќи.

Притоа, Битиќи посочи дека сите земји во регионот веќе оддамна имаат донесено мерки, на пример веќе има намалена акциза во Црна Гора од 50%, во Албанија акцизата е преполовена, во Босна и Херцеговина и Хрватска има замрзнати цени на горивата.