Филипче: Состојбата во земјоделието е алармантна, негрижата на власта го уништува

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Повардарието, при посета на с. Криволак, алармираше за драматичната состојба во земјоделството и целосната негрижа на власта кон овој стратешки сектор.

„Денеска бевме во посета на Повардарието, во с. Криволак, разговаравме со земјоделци, лозари, производители на житарици и можам да констатирам дека ситуацијата е навистина алармантна“, рече Филипче.

Тој нагласи дека во услови на раст на цените на нафтата, земјоделците се оставени сами на себе и се соочуваат со сериозни егзистенцијални проблеми.

„Во оваа временска ситуација кога растат цените на нафтата, земјоделците се соочуваат со сериозни предизвици. Прво, по прашање на нивната егзистенција, како земјоделци и семејствата кои што преку земјоделството ги издржуваат. И второ, мора да знаеме дека може да се соочиме со сериозен недостаток поради сета оваа криза и негрижата на власта за овој сектор и недостаток на производство на одредени земјоделски култури, посебно житарици, што значи дека во следниот период може да се соочуваме со дополнителен раст на цената на лебот до крајот на годината“, рече Филипче.

Филипче укажа дека институциите целосно потфрлиле во клучните сегменти за поддршка на земјоделството.

„Имено, никој не води грижа за наводнувањето, каналите не се исчистени, никој не води грижа за откупните центри кои што ги уценуваат со ниски цени земјоделците, а потоа тоа им е услов да добијат некакви субвенции“, посочи претседателот Филипче.

Дополнително, како што нагласи, земјоделците се притиснати од ниски субвенции, неизвесен откуп и зголемени трошоци за производство со кризата.

„Ниска субвенција, ниска откупна цена на килограм произведено грозје. Сега нема никаква најава дека црните грозја, од сортите на црните грозја, ќе се откупуваат. Ниска субвенција и неисплатена за сточарите, висока производна цена поради висока цена на работната рака, водата, ѓубривата – сѐ на сѐ сметам дека оваа ситуација треба да биде сериозен аларм“, истакна Филипче.

Тој предупреди и на дополнителен удар врз земјоделците поради злоупотребите со европските фондови.

„Ако згора на тоа ги ставиме дека ги нема дополнителните пари преку ИПАРД програмата, поради тоа што од власта Европа ги фати како тие пари ги крадат, брутално, од џебот на земјоделецот, ние во следниот период ќе предложиме неколку предлог закони, како што тоа го направивме лани“, нагласи Филипче.

Воедно, потсети дека СДСМ веќе има понудено конкретни решенија кои власта ги одбила.

„Тоа беше зголемена откупна цена по килограм грозје. Искрено се надевам, иако не верувам, дека од оваа власт ќе наидеме на разбирање и дека ќе се обезбеди некаква помош за земјоделците“, рече претседателот на СДСМ, др Венко Филипче.