Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „На Подиум“ на Ора24.тв, потенцираше дека политиките на владата на СДСМ доведоа до значајни резултати за напредокот на државата и стандардот на граѓаните. Филипче посочи дека СДСМ ја внесе државата во НАТО, а платите и социјалната помош рекордно пораснаа.
„Ние немавме лоши политики во ниеден сектор. Пораснаа платите, повеќе од два и пол пати минималната плата. Исто се дуплираше и повеќе просечната плата. За два и пол пати пораснаа платите на докторите, за 40 до 50 проценти во образованието. Социјалната помош се зголеми 300 проценти“, рече Филипче.
Тој посочи дека на меѓународен план, во периодот на СДСМ благодарение правилните политики, Македонија стана членка на НАТО, што е гаранција за безбедноста на државата.
„Се донесоа многу реформски закони, се направи Преспанскиот договор, со кој што референцата бивша Југословенска Република повеќе ја нема. Станавме членка на НАТО. Какво е тука предавството? Еве, ако било предавство, зашто не го поништат? Зашто премиерот не го поништи, како што ветуваше, Преспанскиот договор? Па, нека излезе од НАТО“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека политиките на СДСМ беа секогаш насочени кон интеграција, стабилност и еднаквост.
„Нашите политики беа проевропски, за евроатлантска интеграција на земјата, за добри политики за сите граѓани, инклузивни во сите сектори. Затоа јас пред граѓаните кажувам дека ќе продолжиме да ги имплементираме истите политики, како што ги имплементиравме, претходно. Ќе ги надминеме овие националистички реторики, кои што ВМРО сака да ги користи и со кои што владее во изминатите две години. Ќе ги надминеме проблемите и ќе развиваме и понатаму добрососедски односи со сите соседи, кои што сега се влошени, поради изјавите на премиерот и кон Грција и кон Бугарија. Поради тоа што ние мора да бидеме европска земја“, рече Филипче.



