Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител порача дека лагите и пропагандата на ВМРО за наводно загрозени јазик, идентитет и национални интереси се целосно разобличени од фактите, а најсилен доказ за тоа е договорот со Фронтекс, потпишан со Европската Унија на македонски јазик.
Филипче нагласи дека ВМРО во 2024 година дошле на власт со националистичка пропаганда, плашејќи ги граѓаните дека нешто е загрозено, но реалноста покажала дека ништо од тоа не е вистина.
„Напротив. Тука нема ништо од тоа што пропагандата на сегашната власт, на ВМРО кажуваше. Таа кажуваше и дојде на власт во 2024 година со тоа што кажуваше дека се загрозени националните интереси, дека е загрозен јазикот идентитетот, дека некако и нешто било ставено под ризик. Ништо од тоа не е вистина. Тие дојдоа со една силна пропаганда националистичка реторика и што се случи, ја закочија земјата. Сега граѓаните треба да видат дека во тој францускиот предлог нема ништо лошо. Нема ништо лошо во тоа Бугарите, Хрватите и другите малцинства треба да се стават во Уставот“, рече Филипче.
Тој додаде дека јавноста мора да знае што точно содржи пакетот што ѝ стои на располагање на Македонија и дека од него произлегуваат конкретни придобивки, а не ризици, како што тврдеше ВМРО.

