Соопштение за јавност
Потресни беа сведоштвата кои можеа да се слушнат на средбите со граѓаните од населбите Кисела Вода, Пинтија и Драчево кои воедно ја отсликуваат и суровата реалност во Македонија. За проблемите со кои се соочуваат секојдневно но и за решенијата на новата влада предводена од СДСМ граѓаните разговараа со потпретседателката на СДСМ и министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски, пратеничката Лидија Димова и претседателот на Комисија за економија, Драган Тевдовски.
30-годишен комшија со церебрална парализа, без родители, беше оставен на милост и немилост, на сограѓаните и пријателите, институциите со години одбиваат да му помогнат, реагираше еден од граѓаните.
-Институциите одамна се претворени во партиски штабови. Без партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ не можете да ги остварите своите права. Партиски активисти наместо социјални инспектори, со списоци во рака, одат од врата на врата и уценуваат. Затоа ја вративме контролата кај граѓаните. Тука сме за вас, граѓаните, ќе ви помогнеме. Злоупотребите гледате како ги откриваме, во интерес на граѓаните, рече Ременски.
-Новата влада на СДСМ ќе ги врати парите кон граѓаните. Ќе ја зголемиме и социјалната помош за да ги извлечеме граѓаните од сиромаштија. Помошта ќе ја добиваат оние на кои вистински им е потребна. За тоа ќе се одлучува во институциите, а не партиските штабови, додаде Ременски.
Што е со медиумскиот притисок? Гледајќи ги вестите на Сител, Канал 5 и владините реклами се доведуваме во заблуда дали да веруваме на нашиот празен стомак или дека во Македонија тече мед и млеко. Луѓе седат дома без работа а ова со странскиве инвестиции мислиш ќе треба да увезуваме работна сила од Германија и Италија, во шега искоментираа граѓаните.
Ова што вие го зборувате е уште една од причините зошто без да се обезбедат услови за објективно известување во медиумите не е можен фер и регуларен предизборен и изборен процес.
Без фер избори не е можна нормализација и стабилизација на Република Македонија.
Новата Влада во Македонија што ќе ја предводи СДСМ ќе овозможи непристрасно и објективно информирање на граѓаните, рече Ременски.