fbpx

Средба Заев – Рот: Круцијални за изборите се чист список и регулирани медиуми

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска попладнето се сретна со германска делегација предводена од Михаел Рот, државен министер во МНР на Р.Германија, во којашто беше и амбасадорката на Р.Германија во Р.Македонија Кристине Алтхаузер.

Тема на состанокот беше актуелната политичка ситуација во Република Македонија.

Заеднички е ставот дека за излез од политичката криза и за иднината на Македонија се неопходни фер и регуларни избори, за што круцијална улога има исполнувањето на двата услова од пржинскиот Договор, прочистен Избирачки список и регулација на медиумите.

-Државната изборна комисија како независна институција чијашто обврска е Избирачкиот список треба да ги соопшти роковите за прочистување на списокот во којшто мора да имаат доверба сите политички субјекти во државата и граѓаните. Од голема важност за предизборниот и изборниот процес е да се обезбеди и објективно известување, бидејќи најголем дел од медиумите се под контрола на власта, поради што опозицијата нема фер шанса за медиумско претставување. СДСМ нема да отстапи од ставот за фер и регуларни избори со примена на европските вредности, а реализацијата на овие две обврски е меѓу нив, рече претседателот Заев.

Претседателот Заев и заменик претседателката Шекеринска нагласија дека овој став на СДСМ го споделуваат и други политички субјекти во Македонија и целата демократска јавност кои се согласни дека фер избори на 24 април не се можни.

-Македонија на следните избори мора да добие Влада со полн легитимитет, а тоа е можно само на фер избори. Само така ќе се овозможи нормализација на институциите и стабилност на Република Македонија, потенцираше претседателот Заев на средбата со државниот министер во МНР на Р.Германија, Михаел Рот.

 

Скопје, 01.02.2016

ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА

 

 

Последни вести