Соопштение за јавност
Почитувани,
На состанокот на Претседателството на Партијата на Европски Социјалисти, на којшто присуствуваше и заменик претседателката Радмила Шекеринска, ПЕС изрази целосна поддршка на заложбите за фер и демократски избори во Република Македонија.
„ПЕС го поддржува ставот на својата придружна членка СДСМ дека моменталните услови во Република Македонија не гарантираат слободни и фер избори и инсистираме дека прочистувањето на Избирачкиот список и потребните реформи во медиумите мора да се спроведат пред одржувањето на изборите“, наведено е во Декларацијата на ПЕС за Македонија, усвоена вчера.
ПЕС бара доследно спроведување на сите реформи предвидени со Договорот од Пржино.
„По избувнувањето на кризата, двете најголеми партии, придружната членка на ПЕС, СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, постигнаа Договор со посредство на Европската унија минатото лето. Договорот предвиде низа реформи во делот на медиумските слободи и изборното законодавство. Оттогаш, владеачката партија, којашто доаѓа од редовите не ЕПП, постојано го попречуваше реформскиот процес, што само се потврди со распуштањето на македонското Собрание на 19 јануари и одлуката да се оди на предвремени избори“ оценето е во Декларацијата на ПЕС за Македонија.
ПЕС посочува дека одлуката за распуштање на Парламентот е донесена од страна на власта без исплонување на главните услови од Договорот од Пржино.
„Република Македонија доби нова, преодна влада откако СДСМ, придружната членка на ПЕС, објави докази за огромниот скандал со прислушувањето минатата година. Прислушувањето, спроведено од страна на највисоките државни органи, обзнани сериозни наводи за широкораспространета корупција, изборни измами и мешање во судскиот систем.
Собранието на Република Македонија се распушти минатиот вторник, закажувајќи предвремени избори на 24 април. Одлуката беше донесена и покрај фактот што се уште не се исполнети двата главни предуслова за фер избори – прочистувањето на Избирачкиот список и медиумските реформи. Собранието пристапи кон самораспуштање и покрај континуираните критики изречени од страна на посредниците во процесот“, стои во Декларацијата за Македонија на Партијата на европски социјалисти.
23.01.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА