Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за српскиот „Неделник“ зборува за силната политичка и финансиска поврзаност меѓу Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Христијан Мицкоски, која се темели на контрола на институциите, медиумите и правосудството и оценува дека падот на Орбан ќе ја разниша оваа оска.
„Таа врска е многу силна и повеќеслојна. Политички, сите тројца го делат истиот модел на власт – контрола врз институциите, медиумите и правосудството. Економски, постојат заеднички интереси и бизниси во енергетиката, медиумите и инфраструктурата“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека Мицкоски е најблискиот сојузник на Орбан на Балканот, додека Вучиќ има улога на негов политички заштитник.
„Мицкоски е најблискиот сојузник на Орбан на Балканот, додека Вучиќ му служи како заштитник“, рече Филипче.
Политичките промени во Унгарија ќе имаат значајни последици и за регионот.
„Падот на шеснаесетгодишното владеење на Виктор Орбан во Унгарија и изборната победа на Петер Маѓар сериозно ја разнишаа оваа десничарска оска во регионот. Така Вучиќ и Мицкоски остануваат без својот клучен политички штит“, оцени Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека процесите што се отвораат во Унгарија може да имаат директни реперкусии и во Македонија и Србија.
„Сѐ она што Маѓар денес го разобличува во Унгарија и за што најавува истраги – перење пари, контрола на медиуми, тајни зделки и корупција – очекувам директно да се одрази и врз Северна Македонија и врз Србија“, порача Филипче.
Линк до интервјуто:
Pad Orbana ruši osovinu Mickoski-Vučić: Lider opozicije u S. Makedoniji za Nedeljnik



