Николовски: Трипуновски ќе остане запаметен само по корупциски скандали и злоупотреби

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Вашиот мандат има три збора – неисполнети ветувања, ароганција и корупција на сите нивоа, нагласи пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, на собраниската седница за интерпелацијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, поднесена од пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Николовски посочи дека Трипуновски и Министерството во овие две години, наместо да бидат сервис на земјоделците, се симбол за скандали и криминал. Се креираат коруптивни мерки кои одат на штета на целиот сектор.

„Кажете им на земјоделците дека поголема поддршка ќе има за поединците и тоа за големите. Наместо 300.000 евра, првата и единствена работа што ја направивте како во времето на Груевски, го зголемивте лимитот на 1 милион евра по корисник. Поединци за кои смисливте мерки за кои не треба доказ за продадено производство за сертифициран посадочен материјал од пред две години. Поединци коишто ги позлативте со дополнителни субвенции за откуп на грозје минатата година и за што повторно ќе се водат соодветни постапки. Нема покорумпирана мерка од мерка во која што ќе имате еден корисник и во која што другите нема да ги знаат информациите, а ќе ви биде вмешан и инспектор којшто е близок до вас“, рече Николовски.

Притоа Николовски потсети и на коруптивните мерки во делот на винарството и контролните механизми во секторот.

„Експресно донесовте на коруптивен начин нешто што исто така ќе биде предмет на кривични пријави. Поддршката од 12 денари за винарии каде што една винарија добива десетици милиони денари средства. Една винарија само знаеше дека од тој до тој датум вие ќе креирате мерка. За тоа има докази заради тоа што инспекторите околу вас се тие коишто кажуваат како оваа мерка била договарана и тоа е испумпување на парите од буџетот за да нема за малите, за да ги подигнувате праговите за да ги укинувате мерките за малите за да исклучите 10.000 мали земјоделци, за да нема за малите производители на храна кои што ги создадовме, ама да има за големите. И тука е сериозното прашање коешто ќе се отвора во наредниот период. Законот за виното дефинира дека до 15 јули во тековната година Министерството по спроведена постапка објавува производна цена и тоа е закон, и за тоа има кривични и казнени одредби“, рече Николовски.

Тој додаде дека во изминатите две години се случуваат сериозни институционални злоупотреби и кадровски притисоци во земјоделските институции.

„Две години министрите и директорите не се занимаваа со креирање мерки за подобрување на состојбите, туку со фабрикување пријави, преместувања, деградирања на професионалците и креирање коруптивни мерки за кои веќе се водат истражни постапки. Уапсен директорот на Платежната агенција. Уапсен директорот на Инспекторатот за земјоделство“, рече Николовски.

Во обраќањето Николовски нагласи дека поради коруптивните апетити на Трипуновски, е блокирана и ИПАРД програмата.

„Корупциските скандали не завршуваат само со апсење и сомнежи за поткуп. Тие кулминираат со прекината ИПАРД програма која сè уште не е воспоставена. Наместо навремена реакција и преземање одговорност, јавноста беше сведок на обид за релативизација и за криење на одлуката за прекин на програмата ИПАРД. Ова претставува сериозен удар врз довербата во европските фондови и врз кредибилитетот на институциите кој што е граден и во кој што сме биле лидери, по седум години потврдено со документ официјален на Европската Комисија. ИПАРД ќе биде блокиран до крајот на годината, заради тоа што одговорете дали до крајот на годината и кога ќе има нов повик за ИПАРД. Имаше минатата година, цела година нема да има. И одговорете под кој надзор и одговорете уште едно прашање. Колку пари вративте, минатата година изгубивме за прв пат?“, рече Николовски.

Тој посочи дека овие две години со Трипуновски како министер нема да бидат запаметени по реформи и развој, туку по корупциски скандали, блокирани европски програми, уништени институционални капацитети и политики кои ги оставија земјоделците без навремена поддршка.

„Кога земјоделците протестираат за субвенции, кога сточарите ги затвораат фармите, кога лозарите, оризопроизводителите, градинарите и сите бараат заштита, а државата молчи, тогаш проблемот не е кај земјоделците, проблемот е во Министерството. Мора да добиеме и оставка и одговорност и променети политики и променети кадри во овој сегмент. Слушнете ги земјоделците кои денес бараат преземање одговорност, здруженијата, синдикатот којшто побара оставка од самиот министер. Слушнете ги земјоделците кои бараат оставка затоа што го изгубивте кредибилитетот којшто со години го градевте на темел на лажни ветувања и на ветувања коишто денеска немате исполнето ниту ништо“, рече Николовски.