Спасовски:Ребалансот е признание за промашените економски политики на Владата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет нагласи дека со предложениот ребаланс на Буџетот, е признание на тоа дека сè што Владата вети кога го носеше Буџетот во декември 2025 година, не исполни. Спасовски посочи дека со ребалансот Владата свесно го крши Законот за буџети, додавајќи дека вака предложениот ребаланс не стимулира развој.
„Со ребалансот или со таа логика со која што настапува Министерството за финансии и Владата, треба да биде нешто што стабилизира, нешто што прави развој. Меѓутоа, ако погледнеме во ребалансот на Буџетот, ние тој сегмент го немаме. Сè тоа што треба да стимулира, да стабилизира, се намалува“, рече Спасовски.
Во обраќањето, Спасовски посочи дека со планираниот дефицит во ребалансот, директно се крши фискалното правило кое предвидува максимум од 3%.
„Дефицитот се зголемува на 4,1%. Некој ќе рече да има фискално правило 3%, Законот за извршување на Буџетот предвидува да биде 3%, може да биде до 3,5% доколку имаме некаков раст во делот на економијата, еве проекцијата да ја знаеме дека е 3,1% од растот и така натаму. Меѓутоа, за мене се поставува сега клучното прашање. Кој ни дава право на нас? Прво на Владата, па второ на Собранието да не ги почитуваме законите кои што ги носиме?“, рече Спасовски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ нагласи дека проектираниот дефицит во ребалансот е повисок од капиталните расходи и додаде дека зголемувањето на капиталните средства во ребалансот не значи нови проекти, туку само исплата на стари обврски – меѓу кои и оние кои произлегуваат од унгарскиот кредит, за кој Владата тврдеше дека нема никаков фискален проблем.
„Тоа значи дека се потврдува фактот дека проектите по општините кои што беа и требаше да се исфинансираат од унгарскиот кредит, за кој што Владата тврдеше дека има финансиски средства и дека нема никаков проблем во делот на фискалната состојба на Буџетот, сега гледаме дека тоа не е така. Практично, со зголемувањето на капиталните расходи на средствата, ќе се исплаќаат обврските кои што пристигнуваат во овој момент. Имам тука еден договор од една од општините, во кој што вели дека пет години ќе се исплаќа парично проектот кој што го земавте од унгарскиот кредит. Ако државата има пари, и ако унгарскиот кредит ги покрие проектите, зошто тогаш е потребно на пет години да се исплаќаат парите кои што се во општините?“, рече Спасовски.
Спасовски потсети дека Владата на почетокот на годината го претстави Буџетот за 2026 година како „развоен буџет“, а сега самата го ревидира надолу растот на економијата.

„Владата на почетокот на носењето на Буџетот за оваа година велеше дека ова е развоен буџет во кој што ќе имаме раст од 3,8% и тогаш укажувавме дека е многу оптимистички тоа, меѓутоа сега гледаме дека и самата Влада, таа проекција ја намалува на 3,1%, бидејќи на крајот бројките се тие и не можеме никој против бројките да одиме. И тоа значи дека планот на Владата, кој што бил поставен во декември месец 2025 година, сега се намалува. Од една страна, планот се намалува, значи сè тоа што се предвидува плански се намалува, а само реторички се зголемува за да, нели, во ПР-от и стратегијата за ПР-от, тоа биде прикажано некако сосема поинаку пред граѓаните“, рече Спасовски.
Тој додаде дека додека Владата во ребалнсот проектира помал економски раст, јавниот долг неконтролирано расте и тоа во услови кога нема неочекувани состојби.

„Задолжувањето расте, од 121 милијарда денари на 140 милијарди денари. И овој раст не е како резултат на неочекуван шок, што ни се случил сега во моментот. Затоа што и проекциите и анализите и плановите, и ставовите кои што ги имаше Владата во декември 2025 при носењето на Буџетот за 2026 година, укажуваа на тоа дека расходите ќе растат“, рече Спасовски.
Притоа, Спасовски додаде дека она што загрижува е дека во услови на растечки долг и расходи, а надолна проекција на економскиот раст, Владата со ребалансот ја ревидираше инфлацијата на 4,5%, наспроти предвидените 2,5%.

„Ние веќе имаме ниво во кое што се бара една сериозна внимателност по однос на јавниот долг. Моментално е некаде околу 60% од бруто-домашниот производ, наведено на 31 март 2026 година, дека јавниот долг достигнува 10,7 милијарди евра, односно 58,9% од бруто-домашниот производ. Тоа значи дека фискалниот простор на државата се стеснува во период кога инфлацијата оди нагоре, растот се ревидира надолу и потребата од внимателно управување со јавните финансии се зголемува уште повеќе во овој период. И тоа нема да застане, земете ги задолжувањата кои што ги прави Јавното претпријатие за државни патишта“, рече Спасовски.

Дополнително, како што посочи Спасовски, ребалансот, го признава проблемот со повратот на ДДВ, без никакво системско решение.
Ребалансот покажува исто така дека има проблеми, или се признава со ребалансот, дека има проблеми со повратот на ДДВ.
„Но немаме никакво системско решение, освен добиваме некаква прераспределба која што ја имаме. И за ова знам дека нема да си признаете. Кога и да се поставеше прашањето на повратот на ДДВ, секогаш се велеше дека не е точно, се враќа редовно, сите се среќни, задоволни, ако ги прашате луѓето, компаниите, фирмите и така натаму, не е така“, рече Спасовски.

Линк до видеото: