Тренчевска: Со ребалансот Владата крати таму каде што треба да инвестира – кај младите, социјалната заштита и стопанството

Facebook
Twitter
LinkedIn

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната комисиска расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година посочи дека Владата создава привид дека штеди, но во реалноста ги намалува средствата токму во програмите што треба да обезбедат развој, подобар живот и поддршка за граѓаните и стопанството.

Тренчевска нагласи дека иако Владата тврди дека ги намалува непродуктивните трошоци, тоа е само дел од сликата, бидејќи истовремено растат други тековни расходи.

„Ребалансот има пари за поголем дефицит, но нема доволно пари за продуктивна економија, што покажува и ребалансот за непродуктивните расходи, во кои се вклучени патни и дневни расходи, договорни услуги, други тековни расходи, привремени вработувања, купување мебел и купување возила. Владата може да каже дека се намалуваат средствата за возила и мебел, но тоа е само дел од сликата. Возилата и мебелот навистина се намалуваат, но истовремено растат помалку транспарентните тековни ставки. Договорните услуги растат за 898 милиони денари, а другите тековни расходи растат за околу 1,22 милијарди денари“, рече Тренчевска.

Пратеничката Тренчевска потенцираше дека Владата зборува за инвестиции, но во исто време ги крати клучните програми за поддршка на домашната економија и претпријатијата.
„Владата зборува за инвестиции, но крати токму онаму каде што треба да се создава додадена вредност. Крати во програмата Д9 „Финансиска поддршка на инвестиции“ за 200 милиони денари. Крати во Програмата за економски развој, која се намалува за 661 милион денари. Програмата за унапредување на деловните активности паѓа од 1,571 милијарда денари на само 371 милион денари. Поддршката за мали и средни претпријатија останува речиси симболична, околу 15 милиони денари“, рече Тренчевска.
Во делот на демографските политики, Тренчевска укажа дека Владата испраќа сосема спротивна порака од она што јавно го говори- програмата за млади е намалена.
„За жал, средствата за демографски политики од 71 милион денари се намалени на 21 милион денари, односно имаме кратење на средствата за демографски политики од 70,4%. Толку од грижата на власта за состојбите со демографијата.Во програмата на Владата за изградба на детски градинки, која е во рамки на Министерството, има кратење за 62,9%, оти децата нели се приоритет во програмата. И во Програмата за млади имаме намалување од 1 милион денари, наместо зголемување. Така што, деца, млади, демографија, со кратењето во буџетот всушност покажувате колкава е вашата грижа кон оваа целна група“, рече Тренчевска.

Притоа, Тренчевска нагласи дека зад формалното зголемување на буџетот на Министерството за социјална политика всушност не стојат нови политики, туку исправка на лошо испланирани средства.
„1,5 милијарди има зголемување кај надоместоците за социјална заштита. Ама зошто е зголемувањето? Затоа што проекцијата била лоша во основниот буџет, оти недостасуваат средства на оваа ставка, што беше причина и за доцнењето на исплатата на правата од детска и социјална заштита. Но, она што е важно да се каже е дека, согласно проекциите во ребалансот и она што е реална потреба во рамки на Министерството за социјална политика, ќе фалат околу 3 милијарди денари до крајот на годината“, рече Тренчевска.
Во делот на програмите за социјална политика кај процесот на деинституционализација, социјалните услуги има зголемување од 130 милиони денари, но недоволно за да се сервисираат услугите до крајот на 2026 година.

„Имајќи предвид дека исплатата кон давателите на услуги доцни, а во меѓувреме имаше два нови повика за нови провајдери, со што се зголеми и бројот на даватели, меѓутоа и негуватели коишто ја даваат оваа услуга.Тука се средствата и за личните асистенти на лицата со попреченост, кај кои исто така се доцни по два до три месеци со исплатите“, рече Тренчевска.
Воедно, Тренчевска додаде дека кај заштитните друштва коишто вработуваат лица со попреченост има додадени 300 милиони денари, меѓутоа, она што треба да се спомене е дека последната исплата кон заштитните друштва е за месец јули 2025 година.

„Во основниот буџет имаше 300 милиони денари и тие 300 милиони денари стигнуваат токму за половина година од 2025 година. Значи, овие дополнителни 300 милиони денари ќе бидат за втората половина од 2025 година. За жал, заштитните друштва нема да видат ниту денар исплатен од оваа Влада, од оваа власт, за 2026 година“, рече Тренчевска.

Линк до видеото :