fbpx

Николовски до земјоделците: Државата мора да ви помогне

Facebook
Twitter
LinkedIn

Вредни, чесни, скромни – тоа е одликата земјоделците од Чешиново, Спанчево, Тркање и Грдовци кои разочарани поради ниската откупна цена на оризот, се собраа сред село да му се пожалат на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски.

Земјоделците од овие села традиционално го произведуваат познатиот кочански ориз.

-Оризот во вреќи стои во подрумот, дел и надвор. Квалитетот годинава е одличен и приносот не е лош, но што да правиме со оваа ниска цена од 18 – 20 денари? – вели Тоде Стоилов, земјоделец од Чешиново.

Според земјоделците, ниската цена и скапите и неквалитетни репроматеријали а особено високата цена на нафта се главните причини за лошата состојба на земјоделците.

-Со години се жалиме на неквалитетните и скапи заштитни средства. А ѓубривата се посебен случај, како камења да фрламе, а не ѓубриво – се пожали земјоделецот Илчо Златанов.

-Проблемот со скапото производство, а ниската откупна цена на земјоделските производи е секаде каде што одам овие денови. Истиот проблем го имаат и јаболкопроизводителите и тутунарите исто и производителите на ориз. Мора да се намалат производните трошоци, преку поефтини и поквалитетни заштитни средства и ѓубрива а задолжително да имате „зелена“, поефтина нафта како што имаат сите земјоделци од регионот. Ова се едни од главните мерки на земјоделската програма на СДСМ, заедно со сигурниот откуп, повисоките и редовни субвенции и инвестициите во системите за наводување –потенцираше Николовски.

Тој додаде дека особено ќе се залага земјоделците да не бидат уценувани од трговците и откупувачите бидејќи државата има механизми како да помогне и да го регулира пазарот.

-Согласно Законот за земјоделство и рурален развој и сега на предлог на министерот може да се изврши интревентен откуп на ориз преку стоковите резерви, со што ќе се релаксира пазарот и нема да се дозволи цената на оризот да падне толку ниско – изјави Николовски.

Земјоделците од овој регион се пожалија и на неисплатените субвенции за 2015 година, а истакнаа дека многу од нив немаат добиено пари и за претходните години иако ги исполнуваат сите услови.

-Јас ги имам сите документи, сите уплатници, а не ми исплаќаат субвенции. Не знам која е причината, а вакви како мене има многу во селото – вели земјоделец од село Тркање.

Николовски рече дека неговата прва работа која што ја направил во министерството е токму контролата во делот на исплатата на земјоделските субвенции.

-Побарав од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој извештај за тоа колку субвенции досега има исплатено. Но и првата моја реакција беше јавно да повикам да се исплатат веднаш субвенциите за 2015 година. Манипулациите на Груевски со парите на земјоделците мора да престанат. Субвенциите се државна мерка а не партиска и тие им следуваат со закон на земјоделските производители и затоа треба навреме да се исплаќаат, а не само пред избори, како што тоа го прави Груевски – изјави Николовски.

Земјоделецот Јоце Митров од село Спанчево посочи на уште еден голем проблем на оризопроизводителите поврзан со каналите за наводнување.

-Апелираме до Водостопанското претпријатие сега да почне со чистење на каналите, кога нема активност во оризниците, а не напролет па да се доведува во прашање почетокот на сеидбата – рече тој.

Земјоделците се поздравуваа со дополнителниот заменик-министер Николовски, благодарни што некој дошол да ги слушне нивните земјоделски маки.

-Со оваа држава сега нешто не е во ред- беше последната изјава на земјоделец од Грдовци која остана како констатација на една состојба која дефинитивно мора да се промени.

 

 

 

Последни вести