Соопштение за јавност
На денешната седница за пратенички прашања, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, го повика премиерот Мицкоски да одговори зошто Владата ги крие резултатите за загадената вода во повеќе општини во државата и зошто граѓаните и натаму не добиваат јасни информации за состојбата, иако станува збор за прашање што директно го засега нивното здравје.
„Водата е загадена во пола држава: во Гостивар, во Валандово, во Скопје, во повеќе општини, а немате одговор на многу прашања. Чија е одговорноста, кој правел контрола, зошто не се јавувале и пријавувале соодветно резултатите? Водата беше загадена во болницата во Лешок, внимавајте, резултат од примерок земен од чешма во болница каде што лечат и се лекуваат пациенти. Нема одговор за тоа какви се резултатите сега. Зошто не ги објавувате резултатите од водата во Гостивар? Зошто имате контрадикторни изјави, вие едно, министерот за здравство друго, дека наводно ќе била добра за пиење, а потоа ќе била само технички исправна водата?“, рече Филипче.
Тој додаде дека наместо транспарентност и одговорност, граѓаните се сведоци на институционален хаос, не знаат кому да му веруваат, оставени се сами да проценуваат дали водата е безбедна, што е недозволиво кога станува збор за јавното здравје.
„Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат. Не одговоривте на тоа што се случи со Лепенец и сливот во Вардар. Бела пена која ја замати водата на местото каде што се наоѓаат бунарите кои го дополнуваат изворот од Рашче. Значи, загадена вода на местото каде што има бунари кои го дополнуваат изворот, од кој што пие вода цело Скопје, и нема никаква информација“, рече Филипче.
Притоа, Флипче укажа дека Владата покажа целосна неспособност во справувањето со кризата, дозволувајќи за стручни прашања поврзани со безбедноста на водата да зборуваат луѓе без соодветна експертиза.
„Го пуштате министерот за внатрешни работи да зборува за чистење на водата, хлорирање, хиперхлорирање – човекот нема капацитет, не знае за тоа, не му е тоа сфера на експертиза. Внимавајте, хиперхлорирање на водата носи зголемен ризик од малигни болести. Не си играјте играчки. Дајте некој кој што знае и кој што ја разбира работата, и кој има експертиза да се занимава со тоа. Потребно е прво да се отстранат органските соединенија, а потоа да се прави хлорирање на водата“, рече Филипче.
Линк до видео:

