Соопштение за јавност
На денешниот брифинг претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, предупреди дека институциите задоцнија со реакција во Гостивар и понатаму немаат дадено одговори на клучните прашања поврзани со загадувањето на водата.
-Водата во Гостивар мислам дека е показател дека сите реакции задоцнија. Дури денес Министерството за здравство носи некакви препораки за рано детектирање и откривање симптоми за жолтица, кога веќе епидемијата има многу силен замав, рече Филипче.
Тој нагласи дека особено загрижува препораката за користење таканаречена „техничка вода“, без јавноста да добие одговор кој ја контролира и дали таа е безбедна.
-Вие имате вода која што е загадена со колиформни бактерии, која не само што не е за пиење, не е ни за туширање, и се дава препорака да се користи, замислете, техничка вода. Како ќе ја користат? Од кај е техничката вода? Која контролира техничката вода? Од кај имаат рестораните техничка вода? Храна се мие со таа вода во рестораните за свадби. Кој ја контролира таа вода?, праша Филипче.
Претседателот беше дециден дека граѓаните имаат право да знаат како се дистрибуира таквата вода и кој ја гарантира нејзината исправност.
-Како стигнува водата до луѓето? Кој е овој степен на импровизација? На кого да му веруваме, на Клековски или на Христијан Мицкоски? За техничка вода ќе биде или нема да биде? Контрадикторни изјави, истакна Филипче.
Тој отвори и прашања за водоснабдувањето во Скопје, посочувајќи дека јавноста заслужува јасни информации и навремени проверки.
-Во Скопје, моите информации се дека каде што сливот на Лепенец во Вардар се наоѓаат бунари со кои се надополнува Рашче. Баш каде што беше пената. Сега, ги проверил ли некој? Загадени ли се бунарите или не? Нема зошто да нè обвинуваат дека шириме паника ако имаме логични прашања, рече Филипче.
Филипче оцени дека целиот случај покажува „максимално несериозна импровизација и закаснета реакција“.

