Делегација на СДСМ предводена од претседателот Филипче положи свежо цвеќе на споменикот на илинденците на Мечкин Камен

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Денеска во Крушево, по повод празникот Илинден, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, придружуван од пратениците од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска и Митко Трајчулески, положија свежо цвеќе на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен во Крушево.

Делегацијата на СДСМ со овој чин им оддаде најголемо признание и почит на храбрите илинденци кои пожртвувано ја бранеле првата Република на Балканот, која е темелот на македонската државност.

Претседателот Филипче од Крушево порача дека илинденците се бореа за слобода, за правда и за правото на народот сам да одлучува за својата судбина.

„Денес во Крушево оддаваме почит на хероите на Илинден и на Крушевската Република – на оние кои пред повеќе од еден век се бореа за слободна и достоинствена Македонија. Нивната жртва не беше за изолација, не беше за страв, не беше за поделби. Тие се бореа за слобода, за правда и за правото на овој народ сам да ја одлучува својата судбина. Денес, повеќе од еден век подоцна, имаме должност да го продолжиме токму тој пат. Македонија не смее да остане заробена во минатото. Илинденците се бореа против тиранијата на своето време. Денес нашата борба е против корупцијата, против изолацијата и против лажниот патриотизам што ја држи државата во место. Ние се сеќаваме на минатото, но ја избираме иднината“, рече Филипче.

Делегацијата на СДСМ, предводена од претседателот Филипче, денеска во Крушево, по повод празникот Илинден, положи свежо цвеќе и на вечното почивалиште на Никола Карев, првиот претседател на Крушевската Република, во „Македониумот“ на Гумење и на споменикот Слива, кој е симбол на саможртвата на македонските востаници во одбраната на Крушевската Република.