Соопштение за јавност
По над 5.000 заболени граѓани и 22 дена во кои гостиварци пиеле вода со фекалии, власта сè уште не ги објавува резултатите од анализите за водата и не дава одговор кој ќе понесе одговорност, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Филипче истакна дека централната власт мора да преземе одговорност за начинот на кој беше менаџирана кризата во Гостивар, особено во периодот кога бројот на заболени бил најголем.
„Рибата мириса од главата, така што власта треба да си преземе одговорност, а не во најголемиот пик, над 5.000 заразени луѓе, преполна гостиварска болница, 20 дена вода којашто гостиварци ја пиеле со фекалии, премиерот да си замине на екскурзија, ексклузивна, скапа, на прошетка низ Европа. Каква е таа одговорност?“, рече Филипче.
Клучните прашања и натаму остануваат неодговорени: кои се причините за кризата, како институциите постапувале, кој ќе понесе одговорност и зошто резултатите за водата не се објавени во јавноста.
„Треба власта да ја менаџира кризата. Треба власта да каже кои се главните причини, како тие ги расчистиле тие работи, како ќе се изменаџира кризата во болницата, кој ќе ја преземе одговорноста за сите работи“, рече Филипче.
Тој посочи дека особено сериозно е прашањето зошто институциите молчеле додека граѓаните ја користеле загадената вода и зошто јавноста сè уште нема увид во резултатите од анализите.
„Кога се молчело додека гостиварци пиеле вода со фекалии 22 дена претходно и клучното прашање – зошто сега не го објавуваат резултатот од водата во Гостивар? Како може да им се верува кога само три дена пред да се преполни болницата во Гостивар има резултат дека водата била исправна за пиење? Како може да се верува на оваа власт?“, рече Филипче.
Токму ваквото постапување е причината поради која власта го изгубила кредибилитетот пред граѓаните.
„Тоа е само една од работите во коишто тие немаат легитимитет и кредибилитет да зборуваат, поради тоа што сè е ова една лажна политика. Со лаги дојдоа на власт, со лаги владеат“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.



