Соопштение за јавност
После пожарот во Кочани нема одговорност, а премиерот им се смееше во лице на родителите, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
Филипче посочи дека таквото однесувањето на премиерот и претставниците на власта за време на собраниската анкетна комисија, е недостојно однесување кон родителите кои ги загубиле своите деца.
„Што се случи после пожарот во Кочани? Кој поднесе, кој понесе одговорност? Никој. Знаете што се случи? Им се смееја во лице на родителите на анкетната комисија во Собранието премиерот и луѓето коишто седеа во првиот ред до него. Помизерна случка немало, и не сум бил сведок на помизерна случка, таков срам. Јас не знам како тоа може да се случи“ рече Филипче.
Притоа, Филипче потсети дека по трагедијата во Кочани, никој од власта не презедеполитичка одговорност и направи паралела со пожарот во модуларната болница во Тетово, посочувајќи дека тогаш, тој како министер за здравство си даде оставка. Филипче посочи дека власта ја манипулира јавноста со тврдењата дека СДСМ има влијание врз обвинителството, и дека самата постапка за случајот со модуларната болница ги демантира тие обвинувања.
„Мене ми е многу жал за случајот во тетовската болница. Јас тогаш, од морални причини, си дадов оставка. Цела Влада си замина три месеци после пожарот во тетовската болница. Зошто ако имам јас некаква контрола или некој од СДСМ контрола на обвинителството, како што тие кажуваат, тоа не би се случило порано, пред да дојде на власт ВМРО? Зошто? Тогаш тој предмет би бил или не би се отворил, или би се затворил во времето на владеењето на СДСМ. И тука паѓа во вода таа теза“ рече Филипче.
Во однос на состојбата во правосудството, во интервјутот, Филипче нагласи дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е исклучително ниска и дека е потребен целосно поинаков пристап.
„Премногу е мала и ниска довербата во правосудниот систем. Веројатно има многу причини за тоа, и не се тоа причини кои што се нови, имаат еволуција, има генеза, таа работа. И затоа, и затоа сметам дека треба да се има целосно поинаков пристап, и тоа се работи коишто ние ги најавуваме“ рече Филипче.



