Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Јовица Радески, пред граѓаните на општина Брвеница ја претстави својата визија и програмата за развој на општината и ја побара поддршката, посочувајќи дека Брвеница треба да биде модерна, развиена и отворена општина за сите.
„Јас не ја познавам Брвеница само од канцеларија, ја познавам од терен, секојдневно сум со граѓаните на најнепосреден начин, ги слушам нивните проблеми, нивните предизвици со кои се соочуваат во нивната работа и нивниот живот, ги слушам нивните маки“, рече Радески.
Радески нагласи дека граѓаните мора да бидат директно вклучени во носењето на одлуките и креирањето на локалните политики.
„Мојата идеја е отворена општина, општина во која граѓаните не доаѓаат само кога имаат проблем, туку да имаат постојан простор да предлагаат идеи и истите да бидат слушнати, само така ќе градиме општина по сечија мерка – општина за сите“, рече Радески.
Тој најави дека во фокусот на неговата програма ќе бидат комуналната хигиена, чистиот воздух, инфраструктурата и подобрата пристапност за сите граѓани.
„Имам визија за беспрекорна комунална хигиена, чист воздух преку справување со изворите на загадување и со расчистување на дивите депонии. Инфраструктурата, која исто така е еден од најважните сегменти во нашето општествено живеење, ќе има посебно место во мојата целокупна работа, во мојот ангажман. Посебно внимание ќе посветам на пристапноста и мобилноста на лицата со попреченост, за родители со детски колички и за сите оние кои имаат тешкотии во движењето“, посочи Радески.
Во однос на загадувањето на воздухот, тој најави системски пристап, засилени контроли и санкции за незаконско однесување, како и поголема информираност на граѓаните.
„Ќе се трудам системски да делувам, затоа што само така може да се реши овој проблем, да се засилат теренските контроли и сериозно да се воведе санкционирање за секое незаконско однесување. Исто така, ќе се работи на тоа да се подигне свеста кај граѓаните за штетноста и последиците од користење несоодветни канцерогени енергенси“, потенцираше кандидатот за градоначалник на Брвеница.
Како еден од главните приоритети, Радески ја посочи изградбата на општина во која граѓаните ќе имаат доверба, со транспарентно и отчетно работење и еднакви можности за сите.
„Наш приоритет ќе биде општина во која граѓаните ќе имаат доверба, транспарентна и отчетна општина која ќе инвестира во луѓето – во човечки ресурси, во знаењето, во младите, социјалната сигурност и здравата животна средина. Општина која ќе создава еднакви можности за сите. Ќе поддржуваме квалитетно образование, културни и спортски активности, а младите ќе добијат простор за реализација на сопствени идеи и реализација на сопствени проекти, особено во областа на локалниот економски развој, иновациите и одржливиот развој. За таа цел ќе ги зајакнеме Младинските совети и ќе создадеме нови форми на младинско учество“, рече Радески.
Во програмата, Радески предвиде и мерки насочени кон пензионерите и социјалната сигурност, како и зајакнување на безбедноста на граѓаните.
„Затоа ќе ја зајакнеме соработката со државните институции и секогаш ќе ги поддржиме мерките кои ќе создадат подобрување на социјалната сигурност и квалитетот на животот на пензионерите. Ќе се стремам да се зголеми безбедноста на граѓаните бидејќи тоа е сегмент од јавен интерес и наша локална одговорност.
Нашите граѓани заслужуваат да живеат во општина која нуди услови за модерен современ живот, општина која има потенцијал да го испорача сето тоа, нашата местоположба, плодната земја, убавините на нашите села, природата, сето тоа го има во мојата визија и јас имам идеја како да се постават работите на своето место. Затоа, да се бориме за Брвеница, да се бориме за нас, за нашите деца и нашата иднина“, порача Радески во своето обраќање пред граѓаните на општина Брвеница.

