Соопштение за јавност
СДСМ е наследник на државотворните политики, на вредностите на антифашистичката борба и партизанита. Тоа наследство денес ја обврзува партијата да се спротивстави на криминалната власт и да се бори за слобода, вистина и правда, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на маршот „Непокор. Борба. Иднина“ во Прилеп, по повод 85 години од Народното востание.
„Ние сме нивните горди наследници. Го паметиме нивното дело, го почитуваме и го чуваме нивниот аманет“, истакна Филипче, оддавајќи почит на храброста и жртвата на борците што ја извојуваа слободата.
Тој нагласи дека СДСМ денес повторно има историска одговорност да покаже пркос и да ја брани државата од неправдата и злоупотребите на власта.
„И затоа денес, кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина“, порача Филипче.
Претседателот на СДСМ повика на спротивставување на криминалната банда на власт и враќање на државата во служба на народот. Нагласи дека оваа борба бара храброст, истрајност и одговорност и дека се води со демократски средства.
„Ние ја имаме храброста, ја имаме решителноста, а народот е нашата сила. Нашата денешна борба ја водиме со демократски средства, со вистината, со јавниот збор, со Собранието и со гласот на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој посочи дека борбата за Македонија денес опфаќа спротивставување на корупцијата и криминалот, заштита на јавните ресурси и борба за подобар живот на работниците, земјоделците, наставниците, лекарите и пензионерите.
„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда“, рече Филипче.
Во обраќањето предупреди и на опасноста од обновување на фашистичките практики.
„Борбата за Македонија е борба против воскреснувањето на фашизмот и фашистичките методи на владеење“, нагласи претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека грижата за граѓаните мора да биде мерило за силата на државата, а политичката задача на СДСМ е да создаде власт што ќе им служи и ќе одговара пред нив.Посебно ја истакна одговорноста за иднината на младите и за европската перспектива на Македонија.
„Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука, дома. И тоа е нашата историска задача“, порача Филипче.
Тој нагласи дека Македонија има свое место во Европа со својот македонски јазик, идентитет и антифашистичко наследство и дека обезбедувањето европска иднина и можности за младите е заедничка национална задача.
Линк до видео:



