Филипче: Христијан лаже дека ребалансот се прави заради акцизите и ДДВ на горивата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Христијан Мицкоски лаже дека ребалансот на буџетот се прави поради намалувањето на акцизите и ДДВ на горивата, Владата не успева да ги наплати планираните приходи, а истовремено ја задолжува државата и ги намалува средствата за капитални инвестиции и за здравството, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во централниот дневник на МТВ.

„Тоа што Христијан Мицкоски кажува дека ребалансот се прави поради акцизите и ДДВ-то на горивата е само уште една негова голема лага. Зошто? Затоа што приходот од акцизите и од ДДВ-то не е толкав колку што е сумата што е причина за ребалансот на буџетот“, изјави Филипче.

Тој посочи дека ова е втор ребаланс на буџетот во годината и оцени дека проблемот е во капацитетот на институциите да ги обезбедат предвидените приходи.

„Сега ова е втор ребаланс. Во ситуација кога сите земји ги планираат буџетите за следната година, нашата влада повторно прави ребаланс. Зошто? Не може да ги наплати приходите. На приходната страна имаат околу дваесет и нешто милиони евра помал приход. За што е тоа доказ? За некапацитетност на институциите“, рече Филипче.

Осврнувајќи се на задолжувањата, Филипче предупреди на висината на каматата и на дополнителното зголемување на долгот што, според него, ќе следува по ребалансот.

„Понатаму, ново задолжување од 150 милиони евра со фрапантна камата од 5,5 проценти и уште 100 милиони евра што ќе ги земат по ребалансот. За да следува ново задолжување од една милијарда евра следната година. Со тоа, вкупниот долг на земјава ќе порасне на 12 милијарди евра, од осум, колку што наследија во 2024 година“, посочи Филипче.

Тој нагласи дека, паралелно со новите задолжувања, се кратат средства за инвестиции и за здравствени потреби на граѓаните.

„Огромни задолжувања, пари што се трошат само за трошоци, не за капитални инвестиции. Капиталните инвестиции се намалени со новиот ребаланс за 100 милиони евра, намалени се парите во здравството за двете болници, Штип и Кичево, и намалени се парите за ретки болести и за инсулин. Само како една илустрација дека граѓаните ќе патат“, истакна Филипче.

Според него, последиците од ваквите економски политики ќе бидат поголема сиромаштија и повисоки долгови.

„Само сиромаштија и огромни долгови, сè на сметка и за сметка на партиските тендери. Тоа е суштината“, порача Филипче.