Радевски: Нов инфраструктурен развој, грижа за граѓаните и економски раст за Брвеница

Facebook
Twitter
LinkedIn

„Брвеница не е само место во кое луѓето треба само да преживуваат и не е само место обележано на карта. Брвеница е нашиот дом, а домот е свето нешто“, порача кандидатот за градоначалник на СДСМ, Јовица Радевски.

Тој ја побара поддршка од граѓаните на Брвеница, претставувајќи ја својата визија за модерна и просперитетна општина, со фокус на инфраструктурата, комуналните услуги, грижата за сите генерации и развојот на локалната економија.

Меѓу проектите што ги најави Радевски се изградба на дом за стари лица во Челопек, реконструкција на мостот на реката Вардар, реконструкција на основните училишта во Блаце и Теново, како и поплочување на локалните патишта и сокаци низ општината.

Во делот на комуналната инфраструктура, тој најави проширување на мрежата за фекална канализација во населените места каде што недостига, решавање на проблемите со постојната водоводна мрежа и изградба на нов водоводен систем со поголем капацитет, согласно потребите на растечкото население.

Како дел од плановите за подобрување на животната средина, Радевски најави чистење на дивите депонии, поставување канти за отпад и изградба на современа претоварна станица за управување со отпадот. Во неговата програма е предвидена и изградба на пречистителна станица за фекалните отпадни води.

“За повозрасните граѓани, покрај најавениот дом за стари лица во Челопек, предвидена е и изградба на пензионерски клуб, додека за лицата со попреченост поставување пристапни рампи во институциите, јавните објекти, училиштата и јавните претпријатија. Покрај тоа, предвидено е уредување и оживување на крајбрежјата на реките Темишница и Вардар, како и на падините на Сува Гора, со цел создавање услови за развој на рурален туризам и рекреација, со примена на природни материјали. Програмата ќе биде отворена и за предлози од жителите, односно за локални иницијативи што се во надлежност на општината, рече Радевски.

Посебен акцент Радевски стави на транспарентноста, отчетноста и вклучувањето на граѓаните во носењето одлуки.

„Затоа што општината е ваша, а парите се јавни, затоа одговорноста мора да биде пред вас, граѓаните“, истакна Радевски, додавајќи дека секој проект треба да има јасна цел, а секој потрошен денар соодветно оправдување.

„Сите ние сакаме резултати, и тоа добри. И тоа е мерка за успех , не зборовите, туку резултатите, не ветувањата, туку одговорноста. Секој проблем ќе заслужи внимание, секоја идеја ќе биде слушната, секој човек ќе биде испочитуван безрезервно. Секој човек е важен, градоначалник не се станува за да биде над граѓаните, туку да им служи на граѓаните“, порача Јовица Радевски од Брвеница.

Линк до видеото :