Соопштение за јавност
Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната собраниска седница за интерпелација на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, посочи неколку клучни причини поради кои пратениците треба да гласаат за нејзино разрешување. Меѓу причините кои ги образложи Митрески, покрај прашањата околу нејзиното бугарско државјанство и неисполнетите ветувања во делот на енергетиката, ги посочи и нејзините деловни поврзаности со компании и бизнис-структури од регионот, меѓу кои и српски бизнисмени, како и со офшор-компании поврзувани со сомнителни трансакции и истраги за перење пари. Тој потенцираше дека во биографијата на Божиновска се наведуваат повеќе компании со кои таа управувала или била косопственик, а против дел од нив имало постапки за различни финансиски и други злоупотреби.
„Богата биографија во секторот енергетика и бизнисот. Изнапрочитав многу фирми,, не можам да им ги запамтам имињата, ама очигледно од биографијата и спојот со бизнисот, голем број на компании со кои министерката и менаџирала или била косопственик. Против голем дел од нив, македонските институции воделе постапки за картелско здржување, даночно затојување, милионски долгови кон државни енергетски претпријатија, обвиненија за царински измами“, рече Митрески.
Како пример, Митрески ги посочи компаниите „Руднап ДОЕЛ Скопје“ и „Руднап груп Бугарија“, како и „Алтарија рисрч“, офшор-компанија од Кипар поврзана со српски бизнисмени.
„Руднап ДОЕЛ Скопје, Руднап Груп, ЕНГ Сервис Трејд, каде основачи управител барем така се спомнува ЕНГ сервис станува КАРСЗЗ Скопје или КАРСЗЗ ТРЕЈД евентуално точното име можеби вие ќе го кажете, ама е избришано од централниот регистар заради замислете неподнесување на даночна пријава иако шпекулациите во јавноста стоеа за наводен долг од 700.000 евра кон државната компанија МЕПСО. Понатака, Руднап груп Бугарија, краен сопственик и на едната и на македонската и на бугарската Алтарија рисрч, кипарска офшор компанија поврзана со контроверзни српски бизнисмени. Оваа офшор компанија била дел на голема истрага и во Албанија, исто за перење пари при купување на замислете неактивна фирма за 2 милиони евра и за државно земјиште во Порто Романово користејќи сомнителни трансакции од земји таканаречени даночни раеви Кариби, искрено да ви кажам не знам ни каде се наоѓа на мапата Гренадини, Сен Винсент и така натака“, рече Митрески.
Митрески нагласи дека самото поседување фирма не е спорно, но дека поврзаноста со компании за кои се отвораат вакви прашања е проблематична од аспект на политичката одговорност и довербата што треба да ја ужива еден министер.
„Но секако и не е грев ниту да се има фирма, ниту да се работи со таа фирма. Од аспект на политичкиот морал за поврзаност со вакви фирми да барате доверба од пратениците, почитувана министерке, да ви кажам тоа е невозможна мисија“, рече Митрески.
Линк до видео:
