Филипче: Ќе ја искорениме корупцијата, одговорност ќе има и ќе враќаат пари

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Ќе ја искорениме корупцијата, одговорност ќе има и ќе враќаат пари, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес – конференција. Филипче нагласи секој што го злоупотребил буџетот ќе понесе одговорност и ќе ги врати украдените пари, без разлика на која партија припаѓа. Тој нагласи дека корупцијата е една од причините поради кои Македонија останува на дното во Европа и дека мора да се воспостави систем во кој законите ќе важат за сите подеднакво.

„Им ветивме на граѓаните дека се бориме, ќе се бориме и на крај ќе се избориме. Ќе ја искорениме корупцијата од земјава. Тоа е тоа што нè држи на дното на Европа. Ќе ја искорениме, ќе има одговорност, без разлика кој на која партија припаѓа. Не само што ќе има одговорност, ќе враќаат и пари. Сите, до последен денар, кои што ги украле од буџетот, од иднината на децата, на семејствата и на граѓаните, да знаат дека ќе ги вратат. Во таа борба никој нема ниту да нè предомисли, ниту да нè натера да се откажеме“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека Македонија има потреба од функционални институции и систем што ќе обезбеди правда, економски развој и подобар живот, наместо држава во која сè зависи од еден човек.

„Три илјади млади семејства со мали деца се иселиле од 2025 година до сега. Бараат чаре и спас надвор. И затоа се бориме со граѓаните, отворено, чесно, искрено, за да овде воспоставиме систем. Не човек повторно, не ни треба нас еден човек. Систем бараат граѓаните, младите посебно. Систем да функционира, да може да им се верува на институциите, да испорачаат и правда, и економија и стандард“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче укажа дека власта на ВМРО не исполни ништо од ветувањата, ниту пак понуди решенија за економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните, наместо тоа заинтересирана е само за бизнис интереси.

„Оваа влада нема капацитет. Ниту Христијан Мицкоски има капацитет, тој ја води државата. Ниту има желба, ниту има визија. Луѓето ги доведе до просјачки стап. Стандардот паѓа. Цените се до плафон пораснати. Никаква мерка не се донесе за помош на граѓаните Четири милијарди евра нов долг на осумте кои што го наследија. 50% го зголемија вкупниот долг на државата од осамостојувањето, никогаш не бил поголем. Разбирам да се зголеми тој долг, ама да видат бенефит граѓаните. Имаат ли бенефит граѓаните? Не, апсолутно ништо“, рече Филипче.

Тој посочи дека незадоволството на граѓаните во регионот покажува дека луѓето бараат институции што функционираат и носат резултати, а не власт концентрирана во рацете на еден човек.

„Кај нас Христијан Мицкоски прави сублимат на сите неправилни работи кои што се случуваат во регионот. Ги спомнавме криминалот и корупцијата, притисокот на медиумите, делењето на опозицијата, бизнисите кои што ги има и ги распродава националните богатства, распродавајќи ја водата за дата-центри и земјата за рудници. Нема да му помине“, рече Филипче.

Линк до видео: