Соопштение за јавност
СДСМ бара одговорност за скандалот со Алта банка преку интерпелација за гувернерот Трајко Славески и пред надлежните институции, рече потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју за „Слободен печат“.
Тој нагласи дека мора да се испита постапувањето на Народната банка при одобрувањето на влезот на банката во Македонија, потеклото на капиталот и заштитата на депозитите на граѓаните.
„А одговорноста ние ќе ја побараме и преку интерпелација до господинот Трајко Славески“, истакна Трајановски, додавајќи дека ќе се бара и кривична одговорност пред институциите.
Потпретседателот на СДСМ посочи дека одговорите мора да ги дадат оние што биле задолжени да ги заштитат граѓаните и финансискиот систем.
„Кој ја понесува најголемата одговорност овде? Па нормално, тоа е гувернерот на Народна банка. Народна банка и секако Владата, затоа што ги изложила граѓаните за влез на капитал кој после година дена ја губи лиценцата во соседна Република Србија“, нагласи тој.
Трајановски потсети дека СДСМ предупредувал за сопственоста и сомнителното потекло на капиталот уште пред преземањето на Стопанска банка Битола.
„Уште тогаш, ако се сеќавате на тие прес-конференции, прашувавме кој е сопственик на Алта банка, укажувавме на сомнителниот капитал што влегува во нашата држава. Укажувавме кој е Давор Мацура, кој сега и гувернерот, како и ДПМНЕ, се плаши воопшто да му го изговори името. Уште тогаш укажувавме како тој го стекнал своето богатство“, рече Трајановски.
Трајановски нагласи дека граѓаните очекуваат конкретни информации, документи и институционална одговорност, додека нивните пари им се недостапни.
„Ние, место да слушаме да излезат да кажат рокови, датуми, соопштенија, да дадат документи, институционална одговорност, ние слушаме дека банката е ликвидна, дека нема место за паника, а во Битола и граѓаните што имаат таму депозити врие“, рече потпретседателот на СДСМ.
Изјавите на надлежните дека состојбата е под контрола се спротивни на искуството на граѓаните пред шалтерите и банкоматите.
„Не може да кажете дека ситуацијата е под контрола кога не ви работеа шалтерите на банките. Луѓето не можеа да пристапат да извадат пари. Не работеа банкоматите. Значи не може да кажете дека ситуацијата е под контрола“, истакна тој.
Трајановски заклучи дека, покрај решавањето на последиците и обезбедувањето пристап до парите на граѓаните, мора да се утврди одговорноста за одобрувањето на влезот на Алта банка во Македонија.
„Јас сепак, суштината на целиот овој проблем со Алта банка е влезот на Алта банка во Република Македонија. Не е суштината сега што ќе се прави. Сега ова се консеквенции кои ќе проба државата да ги решава“, порача потпретседателот на СДСМ Александар Трајановски.
Линк до видео:


