Соопштение за јавност
Членовите на ЗНАМ се враќаат во својата матична партија, СДСМ, затоа што видоа дека се изманипулирани, порача потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју за „Слободен печат“. Тој го посочи и примерот со претседателот на општинската организација на ЗНАМ во Кисела Вода, кој се врати во СДСМ.
„Кога гледате дека секојдневно се префрлаат членови од ЗНАМ во нашата партија, се враќаат во матичната партија, кои видоа дека се изманипулирани. Таков пример е и вчерашниот претседател на општинската во Кисела Вода, кој премина во својата матична партија“, истакна Трајановски.
Потпретседателот нагласи дека СДСМ изминатиот период работеше на обновување на партијата, на општинските организации и на непосредната комуникација со членството по тешкиот изборен пораз во 2024 година.
„За две години сите очекуваа дека Социјалдемократскиот сојуз ќе се пасокизира. Еве, да речеме, тоа му го посакуваа. Ние за две години успеавме да заживееме 80 општински организации, да успееме да ги составиме сите комисии внатре, да ги регенерираме комисиите и да започнеме да ја враќаме довербата“, рече Трајановски.
Тој потенцираше дека враќањето на довербата е преку работа, присуство на терен и искрена борба за проблемите на граѓаните. СДСМ продолжува со предлози за повисоки плати, поддршка за земјоделците и подобар студентски стандард и со силна борба против криминалот и коруцпијата на актуелната власт.
„Буквално цело лето го поминавме со земјоделците на терен. Тоа го гледаа, сите го видоа, сите бевме со нив, предлагавме закони во Собрание за зголемување на субвенциите, бевме одбиени. Предлагавме три пати зголемување на минималната плата. Бевме одбиени, предлагавме сега амандмани за зголемување на додатокот за оброк на студентите и таму бевме одбиени“, нагласи тој.
Трајановски порача дека СДСМ ја враќа довербата преку јасни политики и отворање на прашањата за одговорноста на власта, меѓу кои и скандалот со Алта банка.
„ Ние сме единствена опозиција што реално ја напаѓа власта буквално за сè. Доказ последен за тоа е Алта банка. И мислам дека само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните, затоа што реално факт е дека ја изгубивме довербата после 2024 година. Пополека, но сигурно, јас мислам дека ќе си ја вратиме довербата, затоа што гледаат дека искрено се бори“, истакна потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски за Слободен Печат.
Линк до видео:


