Филипче: Мицкоски дозволи влез на криминалната Алта банка и тоа е клучната одговорност

Facebook
Twitter
LinkedIn

Мицкоски дозволи влез на криминалната Алта банка и тоа е клучната негова одговорност, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Тема на денот“ на телевизија Сител. Филипче појасни дека политичката одговорност на Мицкоски не е само во неговото учество во процесот на продажба на Алта банка, туку пред сè во тоа што дозволил таква банка, со сериозни сомнежи за криминално потекло на капиталот, да влезе на македонскиот пазар.

„Каква е одговорноста што се дозволило, и тоа е клучна прашање Алта банка Белград криминална банка не го кажуваме ние тоа. Српските истражни органи го кажуваат тоа. Тоа го имаше во медиумите во Србија“, рече Филипче.

Филипче потсети на историјата на банката, и предупредувањата кои 11 месеци СДСМ ги изнесуваше во јавноста, дека станува збор за банка која од менувачница прераснала во банка, а за чиј капитал постојат сериозни сомнежи дека потекнува од криминални и коруптивни зделки.

„Ние за тоа и на тоа укажуваме единаесет месеци наназад. Првата прес – конференција на која што предупредуваме за Алта банка Белград е во декември 2025 година. Банка којашто станала банка од менувачница, банка за којашто се сомнева дека има огромен капитал стегнат со криминални и коруптивни зделки во Србија, за која што има сомнеж дека се переле пари преку шверц на дрога, дозволија да влезе кај нас“, рече Филипче.

Тој посочи дека Мицкоски има директна политичка одговорност, особено по признанието на гувернерот Трајко Славески дека го консултирал премиерот и дека бил вклучен во целиот процес.

„Каква била улогата на Мицкоски тогаш? Трајко Славески кажа ДА, го консултирал и бил вклучен во целокупниот процес“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека скандалот со Алта банка не е изолиран, туку е симбол на начинот на кој функционира актуелната власт и на пошироката политичка и бизнис-шемa зад нејзиното доаѓање на власт.

„Случајот со Алта банка е само еден симбол на суштината на владеењето на оваа власт, затоа што тоа е изворот на сите криминални пари и изворот на финансирање за тоа како додека беше во опозиција се одржуваше Христијан Мицкоски, како дојде на власт во 2024 година и ова не е прв пат да зборуваме, сме зборувале и порано за оската на Орбан и Вучиќ, како го инсталираа Христијан Мицкоски тука на власт и како сега владее“, рече Филипче.