Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител, нагласи дека Мицкоски е само пион на оската Орбан–Вучиќ, чија цел е пљачкање на државата, контрола врз стратешките инвестиции и медиумите и запирање на европскиот пат на Македонија.
Филипче посочи дека случајот со Алта банка не е изолиран случај, туку јасен симбол на начинот на кој функционира власта и на политичките и финансиските врски што ја поврзуваат со режимите на Орбан и Вучиќ.
„Случајот со Алта банка е само еден симбол на суштината на владеењето на оваа власт, затоа што тоа е изворот на сите криминални пари и изворот на финансирање за тоа како додека беше во опозиција се одржуваше Христијан Мицкоски и како дојде на власт во 2024 година. И ова не е прв пат да зборуваме на оваа тема за оската на Орбан и Вучиќ, како го инсталираа Христијан Мицкоски тука на власт и како сега владее“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека не станува збор само за непроверување на сопственикот на Алта банка, туку за учество во процесот и политички концесии со режимот на Александар Вучиќ.
„Едно е да не знаете, а друго е да сте дел од целата таа игранка и шема и да ги знаете многу добро тие луѓе. Јас ви тврдам дека тоа ќе излезе на крај, дека овие луѓе имале обврска да ја донесат Алта банка тука кај нас, затоа што имале политички концесии со режимот на Александар Вучиќ, менторот на Христијан Мицкоски, таа банка да дојде тука кај нас“, истакна Филипче.
Филипче посочи дека оваа поврзаност се однесува и на стратешките инвестиции и медиумите, преку кои се спроведува поширока политичка и економска агенда.
„Јас ви тврдам не само што знаеле, туку дел се од целата шема на којашто ние укажуваме веќе повеќе од година и пол, дека тоа е оската на Орбан, којшто ги контролира инвестициите“, рече Филипче.
Филипче потсети и на влезот на унгарскиот телекомуникациски оператор и медиумската поврзаност, посочувајќи дека станува збор за обид за воспоставување контрола врз медиумскиот простор.
„Како влезе унгарската компанија за телеком тука кај нас, целта е да ги контролира медиумите. Нас не ни треба уште еден телеком. Каква е улогата на унгарските медиуми? Над 40 проценти од медиумите се контролирани од луѓе блиски на поранешниот премиер Орбан и тоа не е прв пат да го кажеме. Каква е улогата на Еуроњуз да дојде тука кај нас да пушта новинари или на Арена Спорт М, којашто има сосема нелегална лиценца, а ова е дел од целата таа шема. Христијан Мицкоски е само пионот на оваа оска на Орбан и на Вучиќ кај нас со цел земјава да се опљачка и да се запре европскиот пат на земјата“, рече Филипче.

