Филипче: Дали Славески беше поставен за гувернер само за да ја внесе Алта банка?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Дали Трајко Славески беше поставен за гувернер на Народната банка за да ѝ овозможи на Алта банка да влезе на македонскиот пазар? Ова е едно од клучните прашања за политичката одговорност и поврзаноста на власта со целиот процес, на кое укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Тема на денот“ на Сител.
Филипче посочи дека мора да се утврди дали поставувањето на Славески на чело на Народната банка било дел од поширок план за овозможување влез на Алта банка во Македонија.
„Тоа е едно од клучните прашања за поврзаноста, за политичката одговорност, за вклученоста во сите процеси или можеби едно од најважните прашања: дали Трајко Славески не е поставен за гувернер само за да ѝ овозможи на Алта банка да влезе на нашиот пазар? И тоа е едно од клучните прашања“, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека Славески и самиот кажа дека за процесот разговарал со Мицкоски, што отвора прашања за директната вклученост на премиерот во целиот случај.
„Трајко Славески кажа дека добил дозвола од него да разговара за тој процес. Тој е директно вклучен во ова“, истакна Филипче.
Филипче нагласи дека одговорноста не завршува кај Народната банка и нејзиниот гувернер, туку се однесува и на одлуките на Владата, како Алта банка добила можност да влезе на македонскиот пазар, кој ја проверувал сопственичката структура и кредибилитетот на нејзиниот сопственик Давор Мацура и дали институциите постапувале независно или во координација со политичкиот врв.
„Зошто премиерот и министерката за финансии на владина седница им кажуваат на јавните претпријатија кои имаат акции во Стопанска банка Битола да ги продадат на Алта банка?“, праша Филипче.
Тој посочи дека согласноста за влез на Алта банка била дадена на 1 септември, а само 22 дена подоцна, на 23 септември, на владина седница се разговарало за продажба на акциите на јавните претпријатија во Стопанска банка Битола на Алта банка.
„Каква е поврзаноста на премиерот и министерката за финансии со Алта банка? Дали имало претходен договор со Давор Мацура дека ќе му се овозможи да го зголеми сопственичкиот удел?“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ потсети дека партијата уште од лани, во декември, предупредувала за случајот со Алта банка и за ризиците поврзани со нејзиното влегување во Македонија.
„Како тоа Давор Мацура купил осигурителна компанија во Македонија? Дали министерката за финансии лично дала согласност, како што е предвидено со закон, и дали го проверила неговиот кредибилитет?“, праша Филипче.
Филипче посочи дека и овој процес треба да биде предмет на проверка, нагласувајќи дека одговорноста за овозможувањето на влезот на Алта банка е кај Мицкоски.
„И тоа сето го дозволил Христијан Мицкоски. Како? Па така што Трајко Славески кажа дека добил дозвола од него да разговара за тој процес. Тој е директно вклучен во ова“, истакна Филипче.