Филипче: Протестот во Охрид е за сите жртви, да го искажеме гневот поради непостапување на институциите

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Протестот во Охрид е за сите жртви на насилство, да го искажеме гневот поради непостапување на институциите, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Топ тема“ на телевизија Телма. Филипче порача дека целта на протестот не е политичко профитирање, туку мобилизирање на граѓаните и јавно искажување на гневот поради непостапувањето на надлежните институции и целта е да се спречат нови жртви и институциите конечно да почнат да си ја вршат својата работа.

„Ова не е протест само за Сара, туку за да не ни се случат и други Сари. Тоа е целта на нашиот протест – да се подигне свеста и конечно институциите да го направат она што треба, и да си ја вршат работата. Затоа што без ваков наш притисок, но и притисокот на јавноста, на граѓанските организации, очигледно ништо нема да се случи“, рече Филипче.

Тој потсети дека во изминатиот период имаше многу случаи на фемицид, семејно насилство и насилство врз жените, што е сериозен показател за нефункционирањето на системот за безбедност во државата.

„Изминатиот период имавме многу случаи на фемицид, на многу повредени девојки, семејни насилства, насилства врз жени, што е еден од знаците за нефункционирање на системот за безбедност кај нас. Погледнете го министерот Панче Тошковски – со сè што се занимава, само со тоа не се занимава, додека жени се самоубиваат со деца, гинат на лице место, додека жени се убиени во државата, и овој случај како вчерашниов, во кој, замислете, МВР и обвинителството го пуштило момчето дома“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека партијата секогаш реагира на случаите на насилство и праша колку трагедии се потребни за институциите конечно да почнат да си ја вршат работата.

„Ние секогаш реагираме. Немало настан на кој што не сме изреагирале. Што е тоа што треба да се случи за конечно институциите да работат како што треба? Што тоа што треба да биде доволно голем скандал, престап или трагедија во нашето општество за институциите да работатат“, рече Филипче.

Филипче упати повик до граѓаните да се приклучат на протестот и да не го гледаат како партиски настан, туку како заеднички повик за одговорност и функционални институции.

„Целта на овој протест, без разлика што сме ние политичка партија, е за доброто на граѓаните. Ова не е протест за освојување политички поени, туку за мобилизирање на граѓаните и искажување на гневот што реално го чувствуваат поради непостапувањето на институциите. Ова е само силен сигнал дека луѓето се свесни, дека добро ги следат случувањата, дека знаат што се случува и дека треба да се реагира, за жал на овој начин за вакви случаи повеќе да нема“, рече Филипче.