Битиќи: Граѓаните живеат сè полошо, а Владата наместо развој нуди нови долгови и поскапи кредити

Facebook
Twitter
LinkedIn

Државата се задолжува со нови и поскапи кредити, јавниот долг расте, странските инвестиции опаѓаат, а граѓаните живеат сè полошо. Наспроти оваа реалност, Владата зборува за развоен буџет, иако најголемиот дел од парите ги насочува кон тековни расходи, а за капитални инвестиции, според досегашната реализација, реално би се испорачале само околу 7 денари од секои 100 денари, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител.

Битиќи посочи дека бројките од буџетот јасно покажуваат дека нема доволно средства за развојни политики и капитални инвестиции.

„Вистината е дека од 100 денари во буџетот, 90,7 денари одат за тековни расходи, а 9,7 денари се планирани за капитални трошоци. Ако се вратиме наназад во трендот на оваа владејачка коалиција, колку и е капацитетот да ги спроведе овие 9,7%, тие вообичаено се околу 66% реализација на капиталните расходи. Тоа ќе значи некаде 7 денари ќе бидат спремни да ги испорачаат “, рече Битиќи.

Тој нагласи дека ваквата реализација не може да се нарече развоен буџет, особено ако се има предвид дека Владата ги намалува средствата токму онаму каде што треба да се инвестира во развојот на човечкиот потенцијал.

„Оваа година има една анализа во која иновациските перформанси на Македонија достигнуваат само 38,5% од европскиот просек. А Владата оди и крати средства во научноистражувачката работа. Таму каде што, во суштина, би требало да се развива човечкиот потенцијал на земјата, вие кратите и викате ќе има развој“, посочи Битиќи.

Во однос на задолжувањето, Битиќи истакна дека Владата враќа само една еврообврзница од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, додека останатите обврски ги рефинансира со нови задолжувања, кои се поскапи од претходните.

„Владата во овој момент враќа една еврообврзница земена во 2023 година. Тоа е 500 милиони. Сè друго, и тоа не го враќа, го рефинансира со ново задолжување. Значи, бидејќи се креира една аура околу оваа Влада дека враќала. Не, оваа Влада рефинансира долгови со нови долгови, затоа што новите долгови се поскапи од претходните“, рече Битиќи.

Тој посочи дека јавниот долг пораснал од 8,5 на 11 милијарди евра, односно за 2,5 милијарди евра, и покрај тврдењата на Владата дека ги враќа долговите.

Битиќи укажа дека намалувањето на процентуалниот удел на долгот не треба да се поистоветува со намалување на самиот долг, бидејќи во истиот период државата се задолжила дополнителни 240 милиони евра.

„Кога ќе ти порасне во апсолутен износ бруто-домашниот производ, јавниот долг споредбено ќе ти падне. И сега прашањето, затоа што ние со бројки се занимаваме, од јули до септември реално власта се задолжи 240 милиони евра повеќе“, рече Битиќи.

Осврнувајќи се на економскиот раст, Битиќи потенцираше дека статистичките показатели не ја отсликуваат реалната состојба на граѓаните, кои не чувствуваат подобрување на животниот стандард.

„Бројката може да ти укажува дека имаш раст од 3,5. Дали реално сте направиле некоја промена? Не баш. Граѓаните живеат полошо. Вие имате номинален раст и тоа се бројки во буџетот од 3,5%, а имате инфлација од 3,7%. Во суштина, немате никаков раст“, рече Битиќи. Битиќи предупреди и на континуираниот пад на странските директни инвестиции.

„Странските директни инвестиции, веќе трета година влегуваме во која имаме намалување, и тоа не е заради тоа што Македонија немала луѓе коишто можат да работат, туку затоа што тие не гледаат предвидливо опкружување и делување политичко во оваа земја, а особено не гледаат никаква перспектива напред“, истакна Битиќи.