fbpx

Заев и Касами: Едно општество за сите е вредност што обединува, одиме заедно на голема победа!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ и носител на кандидатската листа на пратеници во ИЕ4, Зоран Заев денеска се обрати на граѓанскиот собир во организација на победничкиот караван на СДСМ и коалицијата „Можеме“ во Тетово. Заедно со коалициониот партнер, претседателот на БЕСА, Биљал Касами ја претставија визијата и програмата за следниот четиригодишен мандат.

„Од нашето Тетово секогаш сум учел како тоа Тетово и тетовчани знаат да живеат заедно и гласот на едно општество стигал и до Куманово, и до Струга и до мојата родна Струмица и затоа сум горд на вас тетовчани затоа што заедно го градевме концептот едно општество за сите и заедно ќе продолжиме да го градиме.

Се обидоа со нападите некои лузни да ми остават на челото за да го спречат концептот едно општество за сите. Не успееја, напротив ме мотивираа. Се обидоа и преку овие лузни на моето лице и мојата насмевка да ја симнат, но мојата насмевка доаѓа од мојата душа за секој добронамерен наш сограѓанин, за секој што си ја сака нашата земја, за секој што си го почитува соживотот и си го сака својот народ. Ние сме мултиетничка земја и се бориме заедно под ова сонце за добри перспективи на сегашните и идните генерации. И еве успеваме заедно!“, порача претседателот на СДСМ на почетокот од своето обраќање пред тетовчани.

Претседателот Заев рече дека на државата и е потребен функционален Парламент и политичка влада предводена од СДСМ и коалицијата „Можеме“ за земјата да продолжи на правиот пат. Во тој контекст тој истакна дека предизборната коалиција со БЕСА е чесен пристап кон граѓаните, вредностите за едно општество и подобар живот на граѓаните се заложби на кои заедно ќе работиме.

„Нашата земја стана членка на НАТО, почитувани татковци и мајки. Дали сте мајки Албанки или Македонки или Турчинки со НАТО нема повеќе војна. Со НАТО нема да се грижите повеќе за иднината на вашите деца. Со НАТО има инвестиции, со НАТО има демократија, со НАТО има еднаквост, со НАТО има перспективи. Затоа НАТО е првата наша стратешка цел и на Македонците и на Албанците и на Турците и на Србите и на Власите и на Бошњаците и на Ромите и на сите. Успеавме! Затоа нема веќе партии да доаѓаат пред изборите по сто пати, по илјада пати, по милион пати да ви ветуваат НАТО И ЕУ, завршена работа е НАТО и имаме датум за почеток со ЕУ. Успеавме заедно“, потенцираше претседателот Заев.

Претседателот на Беса и носител на кандидатската листа на пратеници во ИЕ6, Биљал Касами во своето обраќање истакна дека БЕСА е дел од победничката коалиција бидејќи заедно со СДСМ и партиите од коалицијата ги делат истите вредности за развој на концептот едно општество за сите, членството на нашата земја во ЕУ и развој на економија која ќе генерира нови работни места, повисоки плати и повисоки пензии.

„Ќе работиме заедно да ја направиме Македонија членка на ЕУ. За европски живот, за европски инвестиции и европски работни места за нашите граѓани. Да можат нашите граѓани слободно да се движат низ Европа како европски граѓани. Работиме на економски развој за повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните. Иднината ни е тука“, порача претседателот на БЕСА и носител на кандидатската листа на пратеници во ИЕ6, Биљал Касами.

Последни вести