Одговор на новинарско прашање, Зоран Заев, претседател на СДСМ
Прашање: Зошто барате оштета од 5000 евра?
Јас сум човек кој покажал сериозна толеранција иако сум еден од политичарите којшто логично и нормално извршувајќи ја највисоката функција во извршната власт сум на удар на критичката јавност.
Но денеска слободата живее во Северна Македонија и таа треба да се почитува, должност ми е да одговорам на критиките, да бидам коригиран и секако под будното око пред се на новинарите, на медиумите како и на целата наша јавност да бидам постојано на готовс да дадам одговори за се. Но секако кога ќе поминат нормалните граници, кога ќе бидат повредени чувствата, кога сте исклеветени, кога сте навредени, кога вашите деца се исправени да ве прашаат зошто некој да кажува дека сте дел од рекет акција, дека сте во криминална група, дека правите штета во милионски суми на државата, дека сте капут или слично, тоа ги поминува границите. Само така можеме во државата да одмериме до каде е дозволиво газењето на чувствата на граѓаните вклучително и на мене како претседател на владата.
Ова го кажувам од аспект на тоа дека доколку одлучам можам секој ден да поднесувам тужби и тоа не го правам, а се со конечна цел, да ја поттикнам слободата, да ја живееме слободата. Но кога ќе се поминат границите неколку пати да сте клеветени, да сте навредувани пред се на лични чувства а после тоа и на политичката функција којашто ја извршувате еден ден треба да кажете стоп и да поднесете тужба.
Јас се надевав дека денеска ќе добијам извинување, но за жал, тоа не се случи, оставам судот како ќе одлучи понатаму. Сакам исто така покрај како граѓанин, да ја испратам пораката и како политичар, дека граница и мерник на се мора да има во животот.
Верувам дека со личните чекори коишто ги преземаме или не преземаме а во функција дека многу често не сум преземал дејствија, да поднесам тужба освен кога ќе се поминат сите граници и ќе се поминат тој меѓник што го кажувам тогаш ја испраќам пораката дека еднаш мора нешто да застане и да престане затоа што е премногу. Затоа и денеска сум на рочиште по моја поднесена тужба.