Соопштение за јавност
Владата предводена од СДСМ останува целосно посветена на обезбедување чиста и здрава животна средина и чист воздух.
Изминатите четири години се забележува значително намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух како во Скопје, така и во останатите поголеми градови низ државата.
Тоа е резултат на успешните политики на Владата предводена од СДСМ, на постојаната замена на старото нееколошко загревање на индивидуалните објекти и објектите на јавните установи, како и на зголемените контроли и санкции кон загадувачите, но и во инвестициите во обновливи извори на енергија.
Нашите политики, заложби и реформи за подобро јавно здравје нема да застанат тука. Напротив, преку Интервентниот план за инвестиции, во следните години ќе се интензивираат вложувањата во таканаречената зелена енергија, енергија добиена од еколошки, обновливи извори.
Доаѓа германска инвестиција за 400 мегавати ветерна електрана во вредност од 500 милиони евра, инвестиција согласно законот за стратешки инвестиции.
Во Осломеј, Кичевско ќе се гради 100 мегаватна фотонапонска електрана во вредност од 70 милиони евра.
Фотонапонските централи што веќе се во фаза на реализација се во Македонски Брод и во Свети Николе, а веќе се пуштени во употреба во Брвеница и неготинскиот регион.
Тече подготовката на еден од најзначајните проекти, односно изградбата на фотонапонска електрана со капацитет меѓу 300 и 350 мегавати и фотонапонска електрана во вредност од 200 милиони евра која треба да се гради на локација претходно предвидена за карго аеродром во Штип.
Не ја запоставаме и гасификацијата. Државата се вклучи во проектот Александруполи преку Електрани на Северна Македонија и Националните енергетски ресурси. Вредноста е 400 милиони евра гасна електрична централа од 800 мегавати и 360 милиони евра терминал за природен гас.
Државата ќе добие и фабрика за производство на енергија од отпад, инвестиција од Луксембург вредна 336 милиони евра, со што ставаме крај на проблемот со депониите во нашата држава.
Како одговорна партија продолжуваме со мерки и политики, со инвестиции за унапредување на енергетиката и квалитетот на животната средина.