Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска преку видео-конференциска врска учествуваше на панел дискусија на престижниот Економски форум во Делфи, Грција на тема „Пристапување кон ЕУ – Кредибилитет, предвидливост и политичко водство“, заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, премиерот на Албанија Еди Рама, премиерката на Србија Ана Брнабиќ и претседателот на Србија Александар Вучиќ.
На дискусијата беше потенцирана важноста на кредибилен процес за пристапување кон ЕУ како мотивација за реформи и регионална соработка.
Претседателот Заев ги повтори приоритетите на Северна Македонија да се заштити здравјето, да заживее економијата и да се зајакне демократијата. Овие приоритети најдобро ќе се остварат преку брзи избори кои ќе доведат до легитимни и стабилни институции и отворен простор за решавање на сите предизвици.
На дискусијата беше изразена согласноста дека интеграција во ЕУ на сите држави од Западен Балкан, како и интензивната регионална соработка поставуваат основа за развој, сигурност и иднината на регионот. Продлабочувањето на економската интеграција и соработка помеѓу државите од Западен Балкан преку сите постоечки иницијативи е приоритет на сите народи од нашиот регион. КОВИД-19 кризата покажа дека само заедно ЕУ и Западниот Балкан можат да ги решаваат заедничките проблеми и да обезбедат место за нас во европското семејство.