Соопштение за јавност
Здравјето на граѓаните е најважно и од тоа не отстапуваме, впрочем ние тоа го покажавме и во оваа криза. Сега кога вирусот е совладан интерес и на граѓаните и на државата е веднаш штом се создадат услови да имаме избори. Суштината е во одговорноста. Да ја избегнеме опасноста да треба да одиме на гласање кога постои можност да се појават нови пикови на вирусот наесен, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев, во вечерашното гостување на Топ Тема на ТВ Телма.
Тој оцени дека добро е што на последната лидерска средба низ дијалог било утврдено дека здравствената криза се намалува, кривата на заразени паѓа и дека сите имаат доверба во институициите.
„Во услови кога нашата земја нема парламент, нема политичка влада да носи одговорност, а факт е дека здравје на граѓаните е и функционален парламент, но и за економското опоравување е важно да имаме политичка влада која ќе носи одговорни политики. Затоа, час поскоро оваа работа мора да ја завршиме. Треба да го искористиме моментот да излеземе на избори после овие рестрикции што ги имавме, зошто тогаш опасноста за здравјето на граѓаните е најмала. Во текот на есента, има ризик од нови сезонски вируси и нови пикови на коронавирусот, кога училиштата ќе бидат отворени ризикот за нови заболени е поголем. Дополнително, не смееме да ги пробиеме уставните рокови до 11 декември и да останеме без Собрание и без институции со нов, полн легитимитет“, нагласи претседателот Заев.
Тој оцени дека во текот на оваа недела ќе се направат консултации со ОБСЕ/ОДИХР, со Државната изборна комисија, како и со здравствените власти околу протоколите за текот на кампањата, по што ќе се донесе одлука за конечен изборен датум.
„Верувам дека следната недела ќе се договориме за датум за изборите. Се договоривме да видиме кога ОБСЕ/ОДИХР ќе може да ја почнат набљудувачката мисија, претседателот Стево Пендаровски веќе ги почна консултациите со членовите на ДИК – да видиме кога ќе може да се заврши ажурирањето Избирачкиот список, како и да се дефинираат протоколите во текот на изборната кампања и за денот на гласањето. ДИК е извршно тело, и постапува по закон. Кога ќе ги добиеме сите информации, на почетокот на наредната недела ќе одржиме втора лидерска средба на којашто ќе го утврдиме датумот за ибори“, додаде Заев.