Соопштение за јавност
„Во минатото, со ВМРО ДПМНЕ, Гази Баба беше заборавена и отсечена општина, оставена во 19-от век. Борче Георгиевски, ние, СДСМ, со поддршка од Петре Шилегов и од централно ниво, забрзано ја придвиживме општината од 19-ти кон 21-от век“, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев на изборниот караван „Најдоброто за мојата општина“, во Автокоманда.
Тој истакна дека во изминатите четири години се реализирани низа проекти за унапредување на условите за живот на граѓаните и за поголем економски развој, а за следниот во Гази Баба, со поддршка на владата ќе се реализира уште повеќе.
„За следниот период за Гази Баба најавувам, со поддршка на Градот и на Владата, изградба на нова училишна зграда за ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, нови градинки во Ќерамидница, Трубарево, Инџиково и Синѓелиќ, реконструкција и повторно отворање на Домот на културата во Ченто и Колонија, конечно решавање на депонијата „Вардариште“ и нејзино претворање во модерен парк, продолжување со изградбата на вакуум-канализацијата во Јурумлери“.
Заев истакна дека ова се само дел од планираните проекти, бидејќи Гази Баба мора да биде модерна, европска општина, како што доликува на главниот град а тоа е можно само со СДСМ и „Најдоброто“, со Борис Георгиевски како градоначалник и со мнозинство во Советот.
„Затоа на 17-ти октомври не гласајте за блокирачите“, ги повика Заев граѓаните од Гази Баба.
„Знаеме сите што сѐ блокираа ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Поднесоа илјадници амандмани за да не стигне економската помош кај граѓаните. Но, колку и да блокираат, кога се малцинство не му можат ништо на народот. Затоа, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да бидат малцинство во советите“, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев од Автокоманда.