Соопштение за јавност- реакција на прес-конференција на Христијан Мицкоски
Организиран и смислен долгорочен грабеж беше криминалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, режимот во кој токму Христијан Мицкоски добива и тера бизнис со хидроцентрали.
Навикнат, парите во Буџетот да завршуваат во белиот дворец, плачкото Мицкоски денес не може да се помири што парите завршуваат директно кај граѓаните.
Не можејќи да се помири што државата добро се справува со здравствените и економските последици од коронавирусот, Мицкоски продолжува очајно да се обидува да внесува паника меѓу граѓаните.
Не му е првпат, Мицкоски така неодговорно се однесува две и пол години. Но залудно, никој не верува во неговите лаги.
Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека нема да има пари за редовна исплата на плати, пензии и субвенции. Граѓаните добро го знаат тоа.
Во реалноста не само што сите трансфери се редовни, туку пензиите, но и субвенциите како оние за тутун се исплаќаат пред време.
Само Мицкоски може да е против тоа што и за време на вонредни околности, обврските на државата редовно се сервисираат.
Нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ, партијата која тројно го зголеми јавниот долг, денес да зборува за управување со јавните финансии.
Поради криминалните и расипнички политики, ВМРО-ДПМНЕ ја остави економијата во минус од 1,8 отсто, во долгови, со замрзната минимална плата од 9.000 денари и голема невработеност.
За само две и пол години економијата забележа раст од 3,6 отсто, минималната плата е зголемена за над 60 отсто, а невработеноста е на историски минимум. Со тоа, земјава подготвена ја дочекува економската криза.
Додека Мицкоски вежба по тератани, СДСМ и Владата која ја предводи се посветени на создавање решенија за брзо опоравување од економските последици од коронавирусот, посветени на грижа за здравјето на граѓаните.
Мицкоски, економија не се учи во тератана, но ако ги следиш одговорните, чесни и транспарентни политики на Владата предводена од СДСМ можеш да научиш како се работи во интерес на економијата и граѓаните.