Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски заедно со секретарот на меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретнаа со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Анке Холштајн.
На средбата се разговараше за повеќе актуелни прашања, како евроинтегративниот процес и економската соработка помеѓу двете земји.
Претседателот Ковачевски искажа благодарност што во сите овие 30 години Германија дава безрезервна поддршка на нашата држава во сите клучни сфери, особено во делот на економијата, но и најзначајните реформски процеси.
„Германија е нашиот најголем стратешки сојузник во Европа и силен поддржувач на нашиот евроинтегративен процес. Ви благодарам на сета досегашна поддршка и се надевам дека таа ќе продолжи и во иднина. Покрај тоа што сме партнери во НАТО, што сте наш силен поддржувач за интеграцијата во ЕУ, Германија е нашиот најважен трговски партнер, не само поради германските компании што се присутни овде, туку и преку размената на стоки меѓу двете држави. Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија за нас е многу важна партнерска организација и со соработката со неа ќе ја продолжиме и унапредиме“ порача Ковачевски.
Претседателот Ковачевски изрази уверување дека Германија ќе продолжи да дава поддршка и да и помага на Република Северна Македонија во евроинтегративниот процес, со цел брзо започнување на преговорите за членство во ЕУ, нешто што нашата држава целосно го има заслужено.
Амбасадорката Холштајн му честиташе на Ковачевски за изборот за претседател на СДСМ. Таа посочи дека еден од врвните приоритети на новата германска Влада ќе биде проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан меѓу кои и Северна Македонија, додавајќи дека Германија ќе продолжи да ја продлабочува соработката со Северна Македонија особено во делот на економијата и помош при реформските процеси.