Соопштение за јавност
На трибината во Ресен во организација на СДСМ од циклусот „Агенда 20-24“, посветена на Преспанскиот договор и неговите импликации за развој на регионот, учествуваа и новинарот Борјан Јовановски, Ана Лабор од „Spirit of Prespa“ и владиката Пимен.
Јовановски како преспанец по потекло се осврна на идејата да се создаде центар кој ќе ги врзува трите држави, Северна Македонија, Грција и Албанија, а тоа е можно сега откако е потпишан договорот со Грција и откако нашата држава покажа сериозност во дипломатијата.
„Преспа е културолошки – духовен центар и тој може да прерасне во регионален, па и европски. На ова место се вкрстувале култури и овие луѓе одолеале на сите можни провокации, затоа Преспа е симбол на мир. Во ново време тука може да се вкрстуваат идеите и бизнисите на трите држави. Преспанскиот регион може да биде центар на граѓански активизам и соработка“- говореше Јовановски.
Тој покажа неколку фотографии на кои беше прикажан Центарот за дијалог и развој на европски вредности кој сега е само замислена идеја.
„Во оваа нова политичка констелација, очекувам Преспа да заживее како посебен ентитет. Центарот за кој зборувам би бил едно место каде што ќе се обединат младите од трите држави, но и пошироко. Планот е да се направи цела стратегија за развој на Преспа, како на пример производство на органска храна, развој на агро туризам, па ако сакате и организирање на спортски натпревари и концерти. Со еден збор да направиме платформа преку која ќе ги поврземе трите соседни држави“- им ја престави Јовановски идејата за отворање Центар преку кој би се дистрибуирале регионални идеи, а во контекст на интеграцијата на нашата држава во ЕУ.
Ана Лабор е уникатен пример во Преспа како од производство на овошје може да се направи туристичка атракција. Сега, откако Северна Македнија го потпиша Договорот со Грција перспективите на младите земјоделци се отвораат. Ако пак земјоделците се организираат заедно можат да направат Ресен и селата околу Преспанското езеро да бидат на туристичките мапи.
„Секогаш кога патувам надвор одам во посета на фарми за да научам нешто ново. Тие успешно развиваат агро туризам, од секој двор, и да е мал, тие прават некаква фарма. Безброј посетители им одат и ги купуваат нивните производи. Моја цел е туристите не само да минуваат низ Преспа, туку и да останат. Кога ме прашуваат што е „Spirit of Prespa“, јас им велам дека е бавча, но се разликува по тоа што е отворена, секој може да дојде да собере овошје, некои од гостите ни бараат да им зготвиме ручек, некои бараат свежо овошје, некои домашен сок или мармалад, сето она што ние можеме да го подготвиме од нашиот овошен асортиман. Ние постојано имаме гости затоа што организираме свои настани. Покануваме луѓе кога береме јаболка, сливи, малини или лешници. Е сега, ако јас и уште десетици како мене направиме мрежа за производство на здрава храна, пред се овошје и зеленчук, ние можеме да прераснеме во регион за агро туризам и тоа може да биде успешна приказна. Во тој контекст се надевам дека ќе ни помогнат и европските фондови, кои сега, после политичките промени, ќе ни бидат поотворени и подостапни“- ја раскажа својата лична приказна Лабор од „Spirit of Prespa“.
Владиката Пимен, како преспанец по потекло говореше за значењето на културното и духовното наследство што го има во Ресен и околината и дека и тоа е потенцијал за развој на регионот.
„Тука сум за да зборувам за развојот на преспанскиот регион и при тоа сакам да ви дадам поттик да ја направиме Преспа посетено место: Сега имаме прилика да станеме привлечна дестинација и не само како мене, што повремено се враќам во родниот крај, туку многу повеќе да допатуваат туристи, странски гости. Да не останеме дека ние знаеме само јаболка да произведуваме, туку да почнеме да шириме и култура и да ја продаваме како атракција. Да делуваме локално, а да размислуваме глобално“- ги охрабри Пимен своите сограѓани.
Сите говорници се согласни дека перспективата на државата е сосема поинаква откако е потпишан Преспанскиот договор, а тоа е можност да се променат многу работи. Ако се зборува за Преспа, тогаш се мисли на современо и исплатливо земјоделие, кое покрај природните убавини и агро- туризмот ќе придонесе за позиционирање на регионот на туристичките мапи.